Со грант средства во износ од 7.238.850 денари добиени со поддршка на проектната единица на Светска банка во Министерството за финансии за подобрување на општинските услуги, Општина Битола намени дел од средствата во вредност од 3.300.000 денари за набавка на механизација што ќе се користи за повеќе намени.
– Оваа механизација е во функција на подобрување на општинските услуги кон граѓаните. Во таа насока, оваа механизација ќе биде предадена на користење на јавното претпријатие „Комуналец“ Битола, за извршување на нивната дејност. Без соодветни средства со кои се извршува дејноста, никогаш не може квалитетно истата да биде завршена – информираше градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, ги истакна техничките карактеристики на возилото, односно помошните делови што ќе бидат ставени во функција на работата на јавното претпријатие.
– Со оваа механизација кон граѓаните на Битола ќе може да извршиме многу поголем обем на активности, затоа што донацијата содржи силен трактор, дополнително опремен со ножеви за снег, приколка, метларка, ровокопач, две алатки за кастрење на гранките на пристапните патишта и мулчер. Ова е дополнително олеснување и за вработените во јавното претпријатие, кое ќе донесе и дополнителни финансиски олеснувања – истакна Богоевски.
Во изминатите две години, битолските јавни претпријатија со сопствени средства, но и со средства обезбедени од страна на Општина Битола, вложиле над 640.000 евра во нова механизација. Но, заштедата е многу поголема, имајќи предвид дека нема да се одлеваат средства во поправка на застарената механизација како досега, посочи градоначалничката Петровска.
М.М.