Виница
Со целосна подршка од Општина Виница ќе се обнови дел од инфраструктурата во селото Липец. Поплочени ќе бидат две улици, а жителите на ова село ќе добијат и канализациска мрежа. Од локалната самоуправа на Општина Виница, велат дека улиците што ќе се поплочуваат се во горниот дел од селото, во непосредната близина на училиштето и се со вкупна површина од 520 квадратни метри, а како што најавува градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров, изработен е и проект за канализациска мрежа, која селото сѐ уште ја нема.
– Ние како општина во овој период ќе работиме на поплочување на поголем број улици во градот и селата, започнуваме од селото Липец и овде паралелно со улиците се освежува и зградата на училиштето „Кочо Рацин“ во која од септември треба да почнат девет ученици. Во делот на инфраструктурата ќе работиме и на канализациска мрежа за која проектот е изработен и очекувам во најскоро време жителите на ова село конечно да го дочекаат решавањето и на овој проблем – вели рече градоначалникот Димитров.
По Липец, поплочувањето ќе продолжи и во другите населени места, каде што се планирани 2.700 квадратни метри бехатон-плочки, и дополнителни 3.300 квадратни метри во градот. Оваа инвестиција во висина од пет милиони денари е обезбедена од општинскиот буџет.