ОХРИД

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, неодамна направи увид на завршните градежни активности за изградба на новата трибина на градскиот стадион „Билјанини Извори“ во Охрид. Изградбата на трибината започна пред околу 17 месеци и досега се финализирани сите поголеми градежни активности на надворешниот дел, поставена е покривната конструкција и поставени се седишта. Во моментот се изведуваат работни активности за уредување на внатрешни простории, кои се предвидени за вакви современи спортски објекти.

– Ова е заедничка инвестиција на Општина Охрид и на ФФМ. Ова е една голема придобивка за нашиот град, за развојот на спортот и обезбедување посовремени услови за развој на спортскиот туризам. Во иднина е планирана изградба на уште една ваква трибина на стадионот „Билјанини Извори“ – рече градоначалникот Георгиески, во рамките на теренската посета.

Тој истакна дека Општина Охрид постојано инвестира во развојот на спортот, а оваа година за помош и поддршка на спортските клубови и школи од општинскиот буџет се издвоени околу 27.500.000 денари.
Претседателот на ФФМ, Сејдини, најави дека новата трибина се очекува да биде ставена во употреба на 7 септември 2021 година, со фудбалскиот натпревар помеѓу младинските репрезентации до 21 година на Република Македонија и Република Србија. Новата трибина на стадионот „Билјанини Извори“ има капацитет од 1.480 седишта. Во нејзиниот централен дел се сместени ВИП-седишта, коментаторска кабина и простор за медиумски екипи. Во согласност со проектот, во внатрешноста се уредуваат соблекувални, тоалети и други потребни простории.