Проблемите на пчеларите од летниот период продолжуваат и во текот на зимата, поготово ако има подолги периоди на екстремно висока влага или многу ниски температури, како што е случајот со последните десеттина дена, кога температурите во земјава паѓаат од -20 до -5. И ако продолжат поларните денови во земјава, оваа земјоделска гранка ќе претрпи големи штети, слични или поголеми од претходните неколку години.
-Искуствата велат, дека ако ниските температури се задржат повеќе од три седмици непрекинато, поради неможноста на пчелите да излегуваат надвор од своите сандаци поради екстремно студеното време, може да дојде до појава на болеста ноземоза и до угинување на повеќе пчелни семејства. Исто така во периоди на висока влага и густа магла, се создава екстремна кондензација во воздухот како и во сандаците и во тој случај пчелните семејства угинуваат а штетите се зголемуваат. Инаку во нашиот регион не се практикува до средината на јануари да се отвораат пчелните сандаци, во време кога почнува и првото легло, а тоа е периодот од 15 до 20 јануари- потсети Коста Галиманоски, претседател на земјоделското здружение „Виножито“ и познат пчелар од Кичево.
И оваа зима според одвивањето на временската ситуација, проблемите се надоврзувааат, како и претходните неколку години, што оваа гранка ја чинат се помалку исплатлива и доходовна за нејзините сопственици, иако очекувањата на пчеларите, барем за годинава, беа поголеми, со надеж дека состојбите конечно ќе тргнат на подобро.
З.А.