Во моментов нивото на Дебарското Езеро се наоѓа на кота од 577.32 м.н.в. што е за 1,5
метри над просекот за овој период од годината. Увид во состојбата на акумулацијата и во работењето на хидроелектраната Шпилје изврши директорот за производство на АД ЕСМ, Благојче Трповски.
– Самата исполнетост на езерскиот басен е сама по себе видлива и се надеваме дека 2021-ва ќе биде хидролошки добра година, дека ќе има врнежи, за разлика од 2020-та
која ќе остане запаметена како хидролошки најлоша во последните 15 години, што влијаеше неповолно врз исполнетоста на езерата и акумулациите, а со тоа во значаен дел и врз домашното производство на електрична енергија. Во изминатиот месец во текот на планираниот годишен ремонт во Шпилје, успешно беше реализиран значаен зафат-промена на преттурбинските пеперуткасти затворачи на агрегатите, зафат кој ќе го спречи губењето на водата низ турбинските кола кога тие не работат, како и други негативни последици кои предизвикуваа различни оштетувања на механизмите, а со тоа значително се зголеми доверливоста на електраната – изјави директорот Трповски при посетата.
Последен пат затворачите се сменети пред повеќе од 25 години, што е показател за неопходноста на оваа инвестиција. Ремонтот беше предвидено да трае до 10 јули, но изведувачките работи завршија неколку дена пред наведениот датум, така што од вторникот електраната веќе е вратена во системот на производство. М.М.