Долготрајната суша која е присутна во земјава изминатите 5-6 месеци, придонесе нивото на реката Треска да биде најниско во последните пет децении. Ниту најстарите жители од Копачијата не паметат кога реката Треска имала попразно корито од оваа есен.
-Повеќе од четири децении откако работи рибникот во село Извор, во истиот тој период не се памети толку низок водостој во реката Треска и, ако во рибникот ги имавме количествата на пастрмка како пред два месеци, околу 90 тони, тогаш можеше да ни се случи голем помор на рибата, бидејќи количествата на вода ни оддалеку не се доволни таа нормално да егзистира. Во овој период претходните години на изворот на реката Треска биле измерени најмалку 1,000 литри вода во секунда, а некогаш и повеќе, за денес да имаме минимални 200 литри – вели Душко Радески, менаџер во ово рибник и посочува на годишните циклуси на количините на вода на изворот на Треска претходните децении.
-Традиционално од втората половина на месец ноември кога се интензивираат есенските дождови, се зголемуваше штедроста на изворот што годинава не е случај. Ако наскоро изостанат очекуваните врнежи од дожд и снег во нашиот регион, постои реална опасност да ни се случат големи штети во работењето, бидејќи во полн ек е мрестот на рибата ,што ќе придонесе за зголемување на нејзината бројност во базените, Tоа бара многу поголеми количества на вода отколку што сега ни ја дава изворот на некогаш полноводната Треска – се пожали менаџерот на најголемиот рибник во земјава во село Извор, каде годишно се произведуваат околу 300 тони конзумна пастрмка и околу 6 тони рибен подмладок.
Од истите причини како и од се поголемото загадување на реката Треска, престана со работа вториот рибник во коритото на реката во близина на село Лавчани. Дури може да се случи еден незапаметен феномен, ако и зимата биде сиромашна со воден талог без дожд или снег и, ако се намали штедроста на изворот Питран кај Пласница ,тогаш постои реална опасност и оваа река да пресуши во нејзиниот горен тек, бидејќи нема од каде да се храни со вода, ако се има во предвид главниот поранешен снабдувач со вода на Треска, Студенчица, е дел од хидросистемот од каде се вода се снабдуваат околу 160, 000 жители од регионот. З.А.