ГЕВГЕЛИЈА

Предмет на расправа на последната седница на Советот на Општина Гевгелија беше доставениот елаборат за процена на штетите од природната непогода голомразица што ги зафати населените места Гевгелија, Негорци, Миравци, Прдејци, Милетково и Богородица, во периодот од 8 до 10 април. При извршениот увид од страна на Општинската комисија за процена на штети од елементарни непогоди во сите населени места, врз основа на 18-те пријави од физички и правни лица на кои им беа погодени земјоделските имоти, во согласност со методологијата за процена на штети од елементарни непогоди, е констатирана штета на површина од 92,78 ха. Вкупната штета на ниво на општината Гевгелија изнесува 34.870.072 денари.

По усвојувањето на елаборатот од страна на советниците, тој ќе биде доставен на понатамошно разгледување и за негово одлучување до Државната комисија за процена на штети од елементарни непогоди при Министерството за финансии и до Владата – велат од Општината.
На седницата беше одлучено и да се формира општински совет за превенција на детско претставништво.

По извршениот вонреден инспекциски надзор во Општина Гевгелија од страна на државните инспектори за локална самоуправа и подготвениот записник и решението за инспекциска мерка, советничкиот состав ја донесе одлуката за измена на одлуката за формирање општински совет за превенција на детско престапништво и го усвои решението за измена на решението за именување членови во општинскиот совет за превенција од детско претставништво. Во согласност со препораките, во горенаведениот совет нема да членуваат претставници на Советот на Општина Гевгелија, имајќи го предвид Законот за правда на децата и членот 158 во кој се утврдени претставниците од надлежните институции – велат од Општина Гевгелија.
Членовите на Советот донесоа одлуки за утврдување потреба од определување заштитна зона околу бунарското подрачје Вардар и околу бунарите за водоснабдување Моин.