На брегот на Дебарското Езеро, во делот кај градската плажа, каде во летниот период има и најголема посетеност стартуваше екипата спасувачи на вода.
Екипата ја сочинуваат шест момчиња, кои располагаат со соодветен сертификат. Како и минатото лето се на две локации на градската плажа, а за безбедноста на капачите ќе се грижат до 31 август.
По повеќе од една деценија, првпат спасувачи на вода на дебарската плажа имаше минатото лето благодарение на финансиската поддршка на татковинското друштво „Дибра“ на дебрани во САД, кои и годинава издвојуваат финансиски средства за оваа цел.
– Иако сме далеку од родниот крај тој секогаш не влече, па помагаме во повеќе области. Поддршката е дадена со цел поголема безбедност на нашите сограѓани и гости кои ова лето ќе се разладуваат и рекреираат на Дебарско Езеро. За оваа намена обезбедени се над 3.300 долари. Нашето мото е „надгледувањето и безбедноста на граѓаните на плажите на Дебарско Езеро е над се“, изјави Арби Кука, претставник на друштвото.
На брегот на Дебарско Езеро во летниот период дневно има стотици капачи, а за време на викендите и околу две илјади. Поради недостиг на потребните средства, изминатите неколку години дебарските спасувачи наместо на Дебарско беа ангажирани на брегот на Охридско Езеро.