По 14-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада за сите деца во светот, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, на празникот Божиќ 500 деца ќе се дружат на свечен Божиќен ручек и ќе го слават Христовото раѓање. Воедно по 14-ти пат на ручекот Детската Амбасада за сите деца во светот ќе го додели најпрестижното признание за општествена одговорност, Орден за носител на мирот, кое годинава ќе му биде врачено на Акционерско друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги, д-р Пановски од Скопје.

На денешната прес конференција беше речено дека вредностите кои се промовираат со самиот настан се: еднаквоста, љубовта и мирот помеѓу децата, што води до постулатот на програмските задачи на Детската Амбасада дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице 

– На Божиќна трпеза ќе се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката и ќе празнуваат. Божиќниот Ручек ќе го благослови Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар, а на сите деца ќе им се доделат пакетчина за слатки сеќавања на Божиќниот ручек, за кои се погрижи Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Како и минатата година, така и оваа за збогатување на свеченоста ќе се погрижат од танц студио „Зодијак“ од Прилеп, а ќе настапат и малите ангелчиња Илина и Јована Николовски од Скопје, a за забавата ќе се погрижи македонскиот идол Христијан Тодороски – потенцираат од Детската амбасада.

Заклучно со овој 14. Божиќен ручек вкупно ќе бидат опфатени 7000 деца од целата држава.

– Како и секоја година, нашата порака е во рамките на нашето мото „Едно небо за сите деца“, а тоа значи децата да се почитуваат помуѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата, и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина – додаваат од Деткста амбасада за сите деца на светот.

Ка.М.