Љубителите на фудбалот во Битола и навивачите на Пелистер, кога ги следеле натпреварите на својот миленик, буквално седеле на минско поле. Досегашните ископувања кај стадионот покажаа дека Тумбе Кафе практично било најголем магацин за артилериски гранати во Првата светска војна. Пиротехничарите од Македонија, кои веќе цел месец деноноќно работаат на отстранување на неиспуканите гранати, досега под трибините на стадионот под Тумбе Кафе и под патот што води до касарната открија над 10.000 неиспукани гранати.
Сите прогнози и предвидувања зборуваат дека на оваа локација има многу поголем број гранати, а според пиротехничарите што работат на отстранување на гранатите има над 15.000.
– Артилериските гранати од Првата светска војна што се појавија при градежните активности околу стадионот под Тумбе Кафе досега достигнаа бројка од околу 10.000 парчиња. Но тоа не е сѐ. Според тоа по колку гранати во денот наоѓаме и како се проширува појасот на ископот, слободно можеме да очекуваме дека на оваа локација има над 15.000 неиспукани гранати – вели пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.
Деновиве најголемото лежиште на неиспукани гранати не само во Битола туку и на Балканот го посети градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која загрижена од тоа што го виде, побара да се испита целиот терен и додека не се пронајде и последната неиспукана граната да бидат стопирани работите на изградбата на трибината на стадионот под Тумбе Кафе.
– При изведбените активности на Општина Битола кај стадионот, наидовме на многу специфична ситуација, на остатоци на гранати од Првата светска војна. Изведувачот веднаш ја стопира работата, по што беа известени СВР-Битола, МВР и Дирекцијата за заштита и спасување и беа преземени првите чекори за 24-часовно обезбедување на градилиштето уште од првиот момент. Деновиве интензивно се отстранува експлозивниот материјал, а со тоа ќе се овозможи понатаму да продолжат градежните активности. Ова е уште една потврда за тоа што се случувало во минатото на оваа територија, со последици до денешен ден. Благодарение на стручните лица за оваа проблематика, очекувам дека набргу ќе бидат создадени услови за изведувачот околу стадионот, со што ќе се отстрани каков било ризик од експлозивните средства – рече градоначалничката Петровска.
На ископувањето на неиспуканите гранати моментно работаат сите седум пиротехничари, колку што во моментот има вработено во државата. Тие буквално работаат од утро до мрак на отстранување на гранатите.
– Моментално во магацините имаме складирано 8.364 неексплодирани гранати, не сметајќи ги овие на самото место. Очекуваме на овој опфат да бидат отстранети околу 15.000 артилериски гранати преостанати од периодот на Првата светска војна. Сѐ додека не се заврши и не се отстрани и последната граната, ние ќе работиме на терен – вели пиротехничарот Ѓорги Стефанов, кому во отстранувањето на гранатите му помагаат пиротехничари од другите градови во Македонија.
Инаку, по откривањето, неексплодираните бомби, кои се со големина од 75 милиметри, со специјални возила се носат во магацините во касарната, кои од неодамна имаат 24-часовна заштита, а во текот на идниот месец сите пронајдени гранати ќе бидат уништени на полигонот Криволак.