Камионот е со капацитет од 5,5 кубни метри

Василево

Општина Василево набави нов камион за собирање смет за потребите на јавното комунално претпријатие „Турија“. Камионот е со капацитет од 5,5 кубни метри и со него ќе се обезбеди поквалитетно и поефикасно извршување на услугата собирање отпад, заедно со постојните две возила што ги поседува комуналното претпријатие.

– Како локална самоуправа цврсто стоиме на определбата за подобри услови за граѓаните во сите области, а еколошки здравото и чисто опкружување е предуслов за подобрување на квалитетот на животот и економскиот развој на Општината. Токму поради тоа Општината вложува во зајакнување на капацитетот на јавното комунално претпријатие, во чија сопственост ќе биде овој камион – смета градоначалникот на Општина Василево, Марјан Јанев.

Во моментот со собирањето смет целосно се опфатени населените места: Василево, Ангелци, Градашорци, Сушево, Владевци и Пиперево, а делумно Радичево и Дукатино, како и правните лица од Нова Маала и Добрашинци, или во бројки околу 1.680 домаќинства и околу 130 правни лица.

Во најскоро време услугата „собирање смет“ ќе биде проширена и во населените места што досега не беа опфатени во системот на организирано собирање, а таму каде што опфатеноста беше делумна, услугата ќе биде проширена на сите домаќинства.
Средствата за набавка на возилото во износ од 4.370.000 ден. Општина Василево ги обезбеди преку кредит, во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран со заем од Светска банка. Неговата отплата треба да заврши во 2022 година.