Поставувањето монтажна катна гаража кај кумановскиот Центар за култура ќе заврши до март, информира денеска градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски.
Тој рече дека монтажата ја спроведува италијанска компанија со претставништво во Македонија и според неговите очекувања монтажа на ова паркиралиште се очекува да заврши до март годинава, кога ќе биде пуштена во употреба.
-Таа ќе биде прва монтажна катна гаража во градот. Се работи за сериозна инвестиција. Мора да потенцирам дека вакви инвестиции во Европа чинат, двојно или тројно повеќе отколку кај нас. Имавме среќа да склучиме договор со фирма која брка референца во Македонија и верувам дека ќе добиеме импозантна катна гаража која ќе го разубави центарот на градот – изјави Димитриевски.
Со поставувањето на гаражата, кумановскиот градоначалник очекува дека ќе се добијат двојно повеќе паркинг места од претходно на оваа локација.
-Во рамки на гаражата очекуваме да се изгради и јавен тоалет – најави Димитриевски.
За изградба на ова паркиралиште, според податоците на одделението за јавни набавки, општината одвоила скоро 13 милиони денари без данок на додадена вредност. Монтажната катна гаража ќе зафаќа простор од 1.250 метри квадратни.
На оваа локација, според податоците на јавното претпријатие „Куманово-Паркинг“ претходно имаше 40 паркинг места.