КАРПОШ

За потребите на учениците на основното училиште „Владо Тасевски“, Македонскиот олимписки комитет (МОК) додели спортска опрема – топки за кошарка, фудбал, одбојка и ракомет.
Станува збор за традиционална активност на МОК, која се одржа со помал број на присутни лица, во согласност со препораките за почитување на мерките за заштита од ковид-19.
Во спортската сала на училиштето, градоначалникот Стефан Богоев истакна дека на сите ни недостасуваат спортските настани, училишните спортски лиги, но дека моменталната ситуација предупредува на претпазливост и да се спортува на отворено и на дистанца, како и дека поприфатливи се индивидуалните спортови.
– Минатата година целосно го реконструиравме и подот во оваа училишна спортска сала, со што навистина се подобрија условите за спортување на учениците и одржување на часовите по физичко образование. Знам дека не ви е лесно, но ве повикувам да продолжите да ги почитувате мерките. Само така ќе се вратиме на старите навики – рече Богоев.