Фото: Маја Јаневска-Илиева

ГЕВГЕЛИЈА

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, ја посети Општата болница со проширена дејност – Гевгелија, каде што во тек се изведбените работи за монтирање на модуларната ковид-болница, која ќе функционира како регионален ковид-центар, покривајќи ги и општините Богданци и Дојран.
– Гевгелија во најбрзо време ќе добие модуларна ковид-болница, која ќе ги олесни работењето на Општата болница и згрижувањето и третирањето на ковид-пациентите. Истакнувам голема благодарност до „Комуналец“, кој за потребите за изградбата на оваа болница помогна во обезбедувањето комунална инфраструктура. Гевгелиската општа болница се стекнува со еден капацитет, со кој се дава можност значително да се подобри справувањето со ковид-19. До крајот на оваа недела, монтирањето на модуларната болница треба да заврши и да почне опремувањето на просториите – рече Поцков.

Целиот објект ќе биде со површина од 400 квадратни метри, со дел наменет за подготовка на персоналот со заштитна опрема, оддел за прием на пациенти, каде што ќе се зема брис и ќе се изведуваат тестови за коронавирус, и во согласност со резултатот, ќе се упатува пациентот дали треба да остане во стационарниот ковид-центар или на друго специјалистичко лекување во болницата.
– Модуларната ковид-болница ќе располага со мобилен рендген-апарат, ЕХО, подготовка на здравствените работници, сала за прием на пациенти, одделение за болничко сместување и третирање на заболените од ковид-19. Кога ќе заврши пандемијата, оваа модуларна болница ќе биде пренаменета во одделение во согласност со потребите на болницата – истакна Митко Крџев, директор на Општата болница Гевгелија со проширена дејност.