ГЕВГЕЛИЈА
Првиот случај на заболен од ковид-19 во Гевгелија беше регистриран лани на 29 март. За една година, во општината Гевгелија се регистрирани 1.813 граѓани заболени, битката ја изгубиле 44 наши сограѓани, информираат во Општината. Во моментот активни случаи се 421 жител.
– Ова е епидемиолошкиот биланс што ја прави состојбата алармантна. Бројот на новозаразени расте, а бројот на пациентите во општата болница се зголемува. Во моментот, 26 пациенти се хоспитализирани во модуларната болница, во Дневниот ковид-центар и во дел од Невропсихијатриското одделение, каде што сѐ уште има слободни места. Додека во Tријажниот центар дневна терапија примаат околу 70 заболени од ковид-19. На домашна нега се над 20 лица, за кои се грижат тимот на итната медицинска помош и домашните посети. Да бидеме дисциплинирани и одговорни, доследно да ги почитуваме и применуваме заштитните мерки и протоколи бидејќи од тоа директно зависи нашето здравје. Но и нашето севкупно живеење, имајќи предвид дека од епидемиолошката состојба во општината зависи и заздравувањето на економијата – апелираше градоначалникот Сашо Поцков.
Најавени се заострувања на мерките за непочитување на заштитните мерки и протоколите, како од страна на граѓаните така и од страна на економските оператори. Во прв ред, кафулињата каде што не се почитуваат заштитните мерки и не се држи никаква дистанца меѓу гостите.
– Состојбата со пандемијата во Гевгелија е крајно загрижувачка. Секојдневното рапидно зголемување на новоинфицирани лица позитивни на корона-тестовите доведува до регрутирање голем број пациенти што се обраќаат за лекарски прегледи и понатамошен третман во модуларната болница. Енормниот наплив на пациенти доведува до значително отежнато функционирање на болницата, која има ограничен капацитет за згрижување пациенти. Кон ова треба да се додаде и редуцираниот персонал заради болест или изолација што нѐ доведува во незавидна ситуација – истакна директорот на општата болница, д-р Митко Крџев.
Тој упати апел до младите.
– Би сакал како медицинско лице и родител да испратам искрена порака до младите од нашата општина. Овој трет бран е најсилниот досега и, што е уште поважно, веќе е поместена и долната старосна граница на оние што се инфицираат. Напоменувам дека во овој бран и младите луѓе развиваат потешка клиничка слика, која доведува до здравствени компликации. Знам дека за вас младите е тешко да се придржувате кон ограничувањата и забраните, знам дека поголем број од вас ги почитуваат здравствените препораки, но евидентно е дека има помал број млади што и понатаму се групираат и се дружат, по кафулиња и по домашни забави, мислејќи дека нема шанса да се заразат.
Но ве замолувам, помислете на едно нешто, дека кога ќе се вратите во вашите домови, можете да им го пренесете вирусот на своите родители, на своите баби и дедовци, на своите браќа и сестри, на своите најмили. Не заборавајте дека сите сме одговорни, како за нашето така и за здравјето на другите луѓе. Јас те заштитувам тебе, ти ме заштитуваш мене. Заедно ќе бидеме посилни доколку ги почитуваме здравствените препораки. Со тоа ќе ни помогнете нам, лекарите, што побргу и побезболно да се соочиме со овој трет бран – рече директорот.