Битола
Околу еден милион евра ќе бидат вложени во темелната реконструкција на улицата Илинденска во Битола. Ова беше истакнато за време на посетата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на Битола. Од тие еден милион евра, 530.000 евра се пари на Општина Битола, кои локалната самоуправа ги издвои од својот буџет за реконструкција на улицата, додека Министерството за транспорт и врски за реконструкција на мешаната канализациска мрежа и за реконструкција на водоводната и хидрантската мрежа на улицата Илинденска ќе издвои над 25 милиони денари или околу 415.000 евра.
Од предвидените еден милион евра, средства за реконструкција на улицата Илинденска, 3,6 милиони денари ќе бидат наменети за ЈКП „Водовод“, што ги изведува водоводните приклучоци, додека КЈП „Нискоградба“, која е ангажирана за изведба на канализациските приклучоци ќе добие 6,9 милиони денари. За асфалтирање на коловозот се предвидени 22 милиони денари.
Оваа улица, со чија реконструкција во голема мера ќе се растовари сообраќајот во централното градско подрачје во Битола бидејќи претставува еден од главните сообраќајни крвотоци во градот, комплетно се реконструира со средства од локалната и од централната власт.
– Ова е почеток на сериозни градежни активности во Општина Битола. Тоа што особено сакам да го истакнам е дека за сите нив постојат обезбедени финансиски средства. Во овој момент се потврдува домаќинското работење на Општината, кое доаѓа до израз најмногу во кризни ситуации, како што е сегашната, кога Општина Битола, покрај средства за тековно решавање на проблемите има обезбедено буџетски средства и за инфраструктурни зафати, каков што е случајот со улицата Илинденска – истакна градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
За темелната реконструкција на улицата Илинденска, Министерството за транспорт и врски ќе издвои над 25 милиони денари или околу 415.000 евра, средства што ќе бидат употребени за изградба на мешаната канализациска, водоводната и хидрантската мрежа.
– Денеска со градоначалничката Наташа Петровска извршивме увид не само на оваа улица туку и на улиците што ќе започнат наскоро да се работат во Битола, а тоа се улиците Партизанска и АСНОМ. За неполн месец треба да распишеме тендери преку ова министерство за делот на сливните води на улицата кај Буковските гробишта. Повеќе од милион евра се обезбедени од Министерството за правење локални патишта и улици во Битола, така што очекувам во периодот што претстои да имаме активна градежна сезона во градот под Пелистер – рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој посочи дека на територијата на Општина Битола веќе се работи и на заштитниот ѕид на обиколницата, на регионалниот пат што води за Охрид, а паралелно се очекува од наредниот месец да се распишат тендери и за реконструкција на преостанатиот дел од патот Битола – Демир Хисар, како и патот од Битола до граничниот премин Меџитлија, за Грција.
– И покрај кризата со ковид-19, динамиката на капиталните инвестиции, како и на локалните проекти продолжува, а буџетот наменет за нивна изведба е сигурен и стабилен – нагласи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.