Во организација на Здружението за развој и интеграција на Ромите „Преродба“ од Кичево, вчера беше одбележан Меѓународниот ден на Ромите 8 април. По тој повод, на платото пред Центарот за култура, беше организирана културно–уметничка програма проткаена со ора, песни и поетско читање. Присутните на ова одбележување ги поздрави Емин Мамудоски, претседател на НВО „Преродба“.
-Меѓународниот ден на Ромите е ден на прослава на ромската култура и подигањето на свеста за проблемите со кои ромите се соочуваат. Овој ден се одбележува полни 48 години, поточно од 1971 година, во спомен на првата Меѓународна средба на ромските претставници во Лондон од 7 до 12 април – рече Макудоски и додаде дека Ромите се препознатлив народ во цел свет, бидејќи ги има над 25 милиони, со свое знаме и надалеку прочуената химна „Џелем џелем“ или во превод што значи одам одам, како одлика на еден народ кој е постојано во движење.
Потоа на сцената стапија поетите од Литературниот клуб „Китка“ од Кичево, кои читаа свои песни, тука беа и неизбежните играорци Роми кои изведоа повеќе традиционални ора, а присутните проследија и неколку вокални изведби на познати солисти од градот.
Во текот на ова одбележување во уметничката галерија, беше отворена и изложба на слики со работен наслов „Бела Кула во минатото и денес“.
Во понеделник 8 април ромското знаме ќе биде подигнато и на јарболот пред општина Кичево, трета година по ред.