Откривањето на најкомплетниот скелет во овој момент во светот на мастодонт –предок на мамутот и на денешниот слон во близина на неготинското село Долни Дисан, потврди дека овој реон е богат со фосилни остатоци од кои многу мал дел е истражен. Палеонтологот Биљана Гаревска од Природнонаучниот музеј која раководи со македонскиот дел од меѓународниот тим вели дека таму досега се пронајдени делови од жирафи, антилопи, тропрстни коњи и мајмуни.
-Се претпоставува дека пронајдениот мастодонт живееел за време на миоценот ( во периодот од пред 24 до 4 милиони години) кога на планетaта на овие простори се формирале таканаречени слатководни миоценски езера и кога имало бујна вегетација. Тогаш овие животни можеле да опстојуваат и биле со тежина и до 10 тони. Овие огромни животни биле претци на мамутот и на денешниот слон кој живее во Африка. Разликата е во тоа што биле поголеми и немале толку извиени бивни(големите завиени заби). Минатата година на овој локалитет истражувавме 4 дена и најдовме еден бивник кој се наоѓа во музејот во Скопје. Инаку досега фосилни остатоци од мастодонт во Македонија имаме пронајдено во Делчево и тоа од помало животно и тоа само горна и долна вилица со што оваа пронаоѓање на вториот бивник, долна вилица со катниците и останатите скелетни елементи е нешто многу важно за науката. Сметам дека од исклучителна важност е истражувањата да продолжат и наредната година- вели Гаревска.
Професор д-р Николај Спасов кој важи за палеонтлог од светски ранг и исклучителен стручњак кој раководи со тимот од Бугарија го затекнавме на локалитетот во моментот кога фосилните остатоци од скелетот се транспортираа за да се однесат на препарирање во Природнонаучниот музеј во Скопје.
Тој за „Нова Македонија“ открива дека овој реон е богат со фосилни остатоци и дека истовремено во горните нивоа во реонот Змијовец има фауна која треба да е со иста старост со нивоата на потенцијалниот прачовек познат од кај Пиргус –Атина и од Чирпам – Бугарија и очекува дека тука ќе биде пронајден череп од прачовек. Тој смета дека овие нивоа во локалитетот Змијовец во близина на локалитетот каде е пронајден мастодонтот се особено важни за палеонтолошките истражувања. Се радува што Министерството за култура на Република Македонија пројави голем интерес и го финасираше истражувањата оваа година. Се надева дека со помош на Министерството за култура на Македонија и Бугарската академија на науките истражувањата ќе продолжат и во иднина.
Познатиот палеонтолог Николај Спасов за прв пат го посетил Природнонаучниот музеј во Скопје во 2001 година задно со неговиот специјализант Ѓорѓи Марков и ги започнал првите испитувања на фауната на овие простори. Постепено направил цела екипа и со задоволство може да објави дека во моментот се печати монографија за откриената фосилна фауна во Македонија меѓу кои ќе биде и фауната од Долни Дисан. Во изготвувањето на монографијата покрај Спасов вклучен е професорот Жерадс од Франција и м-р Биљана Гаревска кустос по палеонтологија во природнонаучниот музеј на Македонија.
За сите љубопитни кои сакаат одблизу да ги видат фосилните остатоци од мастодонтот од Долни Дисан информацијата дека за негово препарирање е ангажиран Македон Петличаро, препаратор во пензија кој скелетот ќе го исчисти, ќе го залепи и ќе помогне да се постави во Природнонауќнит музеј. Тој за „Нова Македонија изјави дека препарирањето најмногу би траело до два месци, по што ќе биде скелетот изложен во стаклен саркофаг и достапен за пошироката јавност.
Ми.М