Местото на кое на 13 јуни 1943 згасна животот на авторот на „Бели мугри“ - Фото: Зоран Антоски

Кичево

Членовите на планинарско-спелеолошкото друштво „Бистра“ од Кичево по 24-ти пат го реализираат планинарскиот марш во чест на големиот поет и револуционер Коста Солев-Рацин, кој на денешен ден, на 13 јуни 1943 година, под сѐ уште неразјаснети околности го загуби животот на планината Лопушник, каде што беше лоцирана и партизанската печатница. Иако во нешто помал број учесници поради состојбата со коронавирусот, сепак традиционалниот марш до планината Лопушник денеска се реализира.

– По 24-ти пат нашето планинарско друштво го организира планинарски марш во чест на големиот поет Коста Рацин. Поради проблемите со коронавирусот, годинава бројот на планинари ќе биде нешто помал, но традицијата нема да изостане. Покрај ПСД „Бистра“, на овој марш од нашиот град ќе бидат и членови на ПЕД „Ендорфини“, како и претставници на еколошкото друштво „Кинг пауер“ од родниот град на Рацин, Велес – рече Сашо Божиноски од ПСД „Бистра“.

Општина Велес и финансиски го поддржа овој настан, а за превоз на учесниците го обезбедува општинскиот автобус со кој ќе бидат превезени учесниците до селото Извор, Кичево, и назад до Велес, за што на прес-конференција најави и градоначалникот Аце Коцевски.

Учесниците на маршот ќе пешачат неколку часа за да стигнат до спомен-обележјето на погибијата на Рацин.
– Планинарскиот марш ќе започне од селото Извор, во 7.30 часот, и по четири часа одење пеш, треба да пристигнеме до спомен-обележјето каде што и загинал поетот, каде што ќе положиме букети свежо цвеќе. Еден од нашите членови ќе има обраќање пред присутните како потсетување на тој кобен саботен ден од пред 77 години, кога згаснал животот на авторот на „Бели мугри“. Потоа компактната група ќе се искачи и на врвот Стог, каде што пред споменикот на Рацин ќе положи свежо цвеќе. По кратката пауза за мала закуска, во ист состав пеш се враќаме во селото Извор, од каде што почна и каде што ќе заврши овој Марш за Рацин – додава Сашо Божиноски, претседателот на ПСД „Бистра“-Кичево.

Членови на еколошкото друштво „Грин пауер“ од родниот град Велес, наместо како ланскиот маратонски планинарски марш од 160 километри, годинава ќе бидат дел од Маршот за Рацин од селото Извор до планината Лопушник.
– Поради добро познатите проблеми со коронавирусот, годинава не можеме да го организираме планинарскиот марш како претходната година, кога од Велес до Лопушник изодевме пеш 160 километри. Годинава ќе бидеме во нешто помал број, 10-15 лица, а дел од нашата група ќе бидат и планинари од Битола и од Куманово – истакна Игор Смилев, претседател на еколошкото друштво „Кинг пауер“ од Велес.
На овој марш свое присуство најавија и на членови од извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, кои традиционално за овој ден ги посетуваат споменикот и спомен-обележјето на планината Лопушник.