Околу шестотини украсени јајца и над двесте велигденски декорации со празнични мотиви беа изложени на денешната манифестација “Велигденска традиција” во Крива Оаланка.
Манифестацијата се одржа во дворот на локалната установа Градски музеј, Крива Паланка, а ја организираат по петти пат Градски музеј и локалната самоуправа на општината.
– Манифестацијата ја организираме традиционално на втор ден Велигден, а истата е можност креативните експресии на граѓаните да бидат претставени и забележани. Тоа е и всушност улогата на културните, па и на образовните институции – рече Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј
На посебни штандови беа изложени индивидуални и групни декорации со разни велигденски мотиви, поврзани со традицијата, специјалитети, посни и празнични подготвени од образовните институции, кои според критериумите на жири комисијата добија награди во три категории.
Награда за најдобра поединечна декорација доби ПОУ Јоаким Крчовски од село Огут, второ место игротека Анифил и трето место СОУ Ѓорче Петров.
За најдобра групна декорација прво наградена е “Велигденска идила” од Јоаким Крчовски, второ ОЈУДГ Детелинка и трето место е Дневниот центар.
Најубаво украсено велигденско јајце е прогласена изработката на Викторија Ѓоргиевска, второнаградена е Јагода Ангеловска и трето место-Катица Борисовска.
– Велигденските празници се денови кога го славиме воздигнувањето и воскресението Христово и верувајте, во животот само оние кои знаат што е мака, што е трпение ,знаат да ги ценат добрините и убавините во животот. Во таа чест посакувам среќни празници на сите и посакувам добро здравје и убавини за секого – порача градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Традиционално се одржа и натпревар во најцврсто јајце, каде беа пријавени 65 учесници, а победник е Ниола Тадков. Посебна награда доби и Никола Ниоловски кој победи 53 јајца, но беше совладан од најуспешниот-Тасков. Подароци обезбедија општината и музејот.