За првпат после подолг период автодромот во Кичево дури во пет наврати ќе биде тркачки епицентар во земјава. На македонската Монца сезонава ќе се одржат четири натпревари од Шампионатот во брзински автомобилизам на круг и после подолг период ќе се вози и една мото-трка од Шампионатот во мотоциклизам.
Авто-трките на кичевскиот автодром ќе стартуваат на 4 и 5 мај, за една седмица подоцна на истата локација во Кичево да се вози и вториот натпревар. Третиот натпревар ќе се одржи на 11 и 12 јули, додека четвртиот и последен на оваа патека ќе се одржи на 3 и 4 октомври. Во меѓувреме, во рамките на овој шампионат ќе се одржат и две трки во Серез-Грција и тоа на 13 и 14 јуни и 14 и 15 ноември, со што ќе биде затворен и Шампионатот во брзински автомобилизам. Единствената мото-трка ќе се вози во вториот викенд од месец јуни.
Љубителите на брзините од Кичево ќе имаат можност во својот град да проследат возбудливи и неизвесни натпреварувања.
– Конечно на автодромот во нашиот град ќе има авто-трки во голем број, како и една мото-трка, со што ќе можеме да бидеме почесто крај патеката во кичевската касарна и да уживаме во мајсториите на автомобилистите и мотоциклистите. Би било уште поубаво кога би се осовременила оваа патека, за да може на истата да се возат и меѓународни натпревари и кичевскиот автодром да биде целосно подготвен за натпревари во меѓународни рамки – рекоа група љубители на брзините од Кичево, кои со нетрпение ги очекуваат претстојните натпревари.
Не се исклучува можноста во Кичево да се вози и некоја трка во рамките на Твинго купот.