Фото: Игор Бансколиев
  • „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Новаци

Жителите на Општина Новаци, на локалните избори што неодамна се одржаа во земјава, градоначалничкото место му го доверија на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“, Стевче Стевановски. Тој нагласи дека има дури 115 проекти со кои Новаци ќе стане подобро место за живеење за локалните жители.
Во првите сто дена, како што нагласи Стевановски, ќе се фокусира на доделување субвенции за изведба на термофасади, клима-уреди и субвенции за подигање насади, инсталирање систем капка по капка и засејување специфични земјоделски култури, еколошко органско производство, сѐ со цел преориентирање на индивидуалните земјоделци кон поконкурентно и подоходно земјоделско производство. Меѓу многубројните приоритети тој ги истакна и: Секундарна гасификациска мрежа, околу примарниот гасовод што поминува низ Општина Новаци; Изградба на системот за наводнување од акумулацијата „Суводол“, кој опфаќа близу 400 ха во атарите на селата Новаци и Добромири. Проектот претставува грант од ИПА на ЕУ; Проектирање и изградба на мини-акумулации и обезбедување вода за наводнување на земјоделските површини во селата Гнеотино, Брод, Арматуш, Грумази, Орле, Долно Орехово, Мегленци, Маково, Рапеш, Старавина и Тепавци; Изградба на јами за вода и артерски бунари за обезбедување вода за наводнување на земјоделски површини со обезбедување електрична енергија до нив; Изградба на канализациски мрежи; Изградба на скејт-парк и патека за адреналински спортови и фитнес-направи во склоп на спортската сала и повеќенаменското игралиште во Новаци; Уредување на кејот на реката Црна на потегот до манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци и изградба и уредување на патеката од селото Новаци до мостот на реката Црна.
Советот на Општина Новаци има девет советници, пет од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и коалицијата и еден советnик од ЛДП и ДОМ.
Новаци е најпознато по големиот број цркви и манастири. Во границите на општината има 41 село, а дури 51 црква и 15 манастири.


Тетово

На локалните избори што неодамна се одржаа во земјава, жителите на Општина Тетово за свој градоначалник го одбраа Билал Касами од движењето Беса.
Како што истакна Касами за „Нова Македонија“, ќе понуди нов модел на развој на урбаните и руралните општини базирани на човечки, природни, финансиски, институционални ресурси и достапни европски фондови.
Мисијата ќе биде граѓанинот да ја чувствува општината како „свој дом“. Локалната власт во секое време ќе ги штити граѓаните со тоа што ќе им обезбеди безбедна животна средина, регулирана инфраструктура, чиста животна средина, квалитетни јавни услуги, модернизација преку дигитализација, поволна клима за локалните бизнисмени и домашни инвеститори или странски инвеститори. Приоритет ќе биде создавање функционална општина управувана според моделите на ЕУ со транспарентност и отчетност, каде што граѓанинот ќе има право на ковладeење. Касами истакна дека ќе се фокусира на 16 капитални проекти меѓу кои се и основни училишта со една смена, изградба на нови училишни капацитети во градот и во висорамните села. Место во градинка за секое дете од предучилишна возраст, како и опремување на училиштата со електронски табли за секое одделение, проектори за секое одделение, реставрација на спортски терени, снабдување со кабинети со потребните алатки. Изградба на нова дистрибутивна мрежа за вода со што жителите ќе имаат 24 часа вода за пиење. Изградба на нова канализациска и атмосферска мрежа, како и структурирање јавни претпријатија што имаат финансиски проблеми. Ново структурирање на JКП, конечно решение со јавен превоз, претворање на тетовските планински села во туристички и културни центри, развој на економските зони на Тетово, основање канцеларија за деловен инкубатор, изградба на четири затворени базени, ревизија и проширување на урбанистичкиот план, како и изградба на спортски игралишта во повисоките места, поправка и изградба на патната инфраструктура, нови паркинзи во центарот, формирање општинска комунална полиција и изградба на фабрика за рециклирање отпад.
Советот во општината е составен од десет советници од ДУИ, тројца од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од ДПА, двајца од СДСМ, осум од движењето Беса, двајца советници од Независна листа од група избирачи Хамди Сулемани.
Тетово е најпознато по тетовскиот грав, кој претставува синоним за квалитетен грав. Оваа општина е позната и по Тетовското кале, но сепак приматот паѓа на преубавата Шар Планина, чии терени и зиме и лете како магнет ги привлекуваат домашните и странските туристи.


Јегуновце

Димитар Костадиноски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“, беше избран од жителите на Јегуновце во следните четири години да ја предводи општината.
Тој накратко за „Нова Македонија“ истакна дека има голем број приоритети, меѓу кои се обезбедување чиста и здрава вода за пиење во секое населено место и во секој дом и привлекување инвеститори што ќе отворат нови работни места за жителите на Јегуновце.
Костадиноски исто така нагласи дека во следните четири години максимално ќе им даде поддршка на постојните фирми во општината, а истакна дека буџетските средства во општината ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното. Тој исто така најави и дека ќе им даде безрезервна подршка на земјоделците, младите, невладините организации и здруженија.
Според него, Општина Јегуновце ќе биде транспарентна, каде што граѓаните ќе бидат информирани за сѐ што се случува во општината, за секое започнување и завршување на некоја активност, и тоа преку континуирано ажурирање на веб-страницата, преку одржување средби со граѓаните, преку одржување прес-конференции и појавување на локални медиуми, како и печатење годишен информатор во кој ќе бидат вметнати сите активности и проекти што се реализирани во претходната година. Нагласи дека преку проектот „Денови на предлози на идеи и проекти од страна на граѓаните“, граѓаните ќе бидат инволвирани во одлучувањето во општината, а електронскиот систем ќе им биде достапен на жителите што ќе имаат каква било потреба од општината, вклучувајќи и електронско плаќање. Тој исто така нагласи дека во следните четири години, фокус ќе биде и спортот со вклучувањето на најмладите, со цел создавање здрави генерации.
Советот на Општина Јегуновце е составен од тројца советници од ДУИ, еден од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, шестмина советници од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ и еден советник од Левица.
Јегуновце е најпознато по Јегуновската тврдина, посебно атрактивна за туристите од земјава и од светот. Јегуновска тврдина е археолошко наоѓалиште над Јегуновце во подножјето на Жеден, на ридот Градиште. Според процените на археолозите, наоѓалиштето датира од доцниот неолит. Со ископувањата се докажува дека тврдината и гратчето под неа, кои се наоѓаат во Дервенската Клисура, биле живеалиште во континуитет од бронзеното време, сè до 19 век.


Гевгелија

Гевгеличани својата доверба за градоначалник на Општина Гевгелија му ја доверија на Андон Сарамандов, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“.
Како што истакна тој, првенствено се надева дека ќе ја оправда довербата на граѓаните. Сарамандов истакна дека изборната кампања ја базирал на четири носечки столбови за развојот на општината, кои содржат приоритетни проекти. Ставањето во функција на привремената депонија, како и асфалтирање на сообраќајницата во Милци, која ќе обезбеди алтернативно поврзување на Гевгелија со граничниот премин Богородица. Исто така, доизградба на последната делница од патот за Ума, како и започнување со реконструкцијата на Младинскиот дом во Прдејци. Сарамандов истакна дека со неодамнешниот ребаланс на буџетот, предвидени се средства за реконструкција на спортската сала „ДТВ Партизан“ и за ревитализација на зелените површини. Од приоритетните проекти, тој би ги издвоил проектите што ќе се реализираат со доделениот грант од КФВ банката, и тоа водоводни линии за Богородица и граничниот премин, за Негорци и Прдејци, сепарација на постојната канализациска мрежа и изградба на атмосферска канализација во јужниот дел од градот, на потегот од Динќут до железничкиот мост на Сува Река, како и дигитална опрема за ЈПКД „Комуналец“.
Моменталниот состав на Советот е сочинет од девет члена од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, седум од СДСМ и коалицијата, еден советник од Независната листа, еден од ЛДП и еден советник од редовите на Левица.
Гевгелија е македонскиот Лас Вегас. Посетена е од голем број странци поради многубројните казина, но и поради нејзината близина со соседна Грција. Има голем број атрактивни локации по кои е позната. Меѓу нив е туристичкото место Смрдлива Вода на планината Кожув, Негорските Бањи и ски-центарот „Кожув“.