- „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
- „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.
Битола
Битолчани својата доверба на локалните избори му ја доверија на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Тони Коњановски.
За „Нова Македонија“, Коњановски нагласи дека има многубројни приоритетни проекти, меѓу кои е и силниот економски развој на општината Битола преку обезбедување инвеститори што ќе донесат нови работни места, но и поддршка за локалните стопанственици и претприемаштво. Ќе биде посветен и на реконструирање улици, изградба на кружни текови, велосипедски патеки, регулирање на сообраќајниот метеж, изградба на детски игралишта и многу паркови и зеленило.
Градскиот татко на Битола, исто така, најави изградба на две детски градинки и едно основно училиште во оптимален рок, а најави дека ќе обезбеди услови за поддршка и спокојни денови на најстарите битолчани. Свесен за загадувањето на воздухот со кое се соочува Битола, тој потенцира дека покрај гасификацијата и топлификацијата, ќе обезбеди субвенционирање на граѓаните за изградба на енергетски фасади и набавување соларни колектори, како и стимулирање изградба на постројки од обновливи извори на енергија. Исто така, битолчани ќе добијат и нов градски парк на територијата на Нова Битола, со авантуристички содржини, а нема да изостане ниту изградбата на мултифункционален спортски комплекс и нова противпожарна зграда.
Советот во Општина Битола го сочинуваат 13 советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, 11 од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, тројца советници се од листата на независната граѓанска листа „Поинаку“, еден советник има коалицијата на ЛДП и ДОМ и еден советник ДУИ.
Битола е еден од најпопуларните градови за домашните и странските туристи, поради Саат-кулата, познатата битолската чаршија, многубројните споменици и џамии, а и по познатиот меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“. Освен тоа, Битола е позната по најубавата природа. Најголемите и најквалитетни шумски комплекси се лоцирани во битолската општина.
Крушево
Во следните четири години крушевчани ќе ги води кандидатот на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Томе Христоски. Тој истакна дека има многубројни проекти за реализација, но за „Нова Македонија“ успеа да издвои неколку поважни, како што се доградба на инфраструктурата и проширување на индустриската зона Опаленик. Со имплементација на овој проект, индустриската зона ќе биде снабдена со вода од гравитациските извори. Следни проекти се гасификација на Крушево и водоводна мрежа во заштитена целина за намалување на загубите на вода за пиење во Крушево, а ќе се воведе и систем за далечинска контрола, мониторинг, управување и анализа на потрошувачката на водата за пиење во водоснабдителниот систем во градот Крушево. Како што истакна Христоски, ќе се изгради и водоснабдителен систем во градот Крушево, со зафаќање на води од Бушева Планина во КО Сланско и КО Дреново – Општина Македонски Брод и во КО Белушино во Општина Крушево. Според него, ќе се работи и на доградба на центар за параглајдинг, односно изградба на пристапна област за параглајдинг-центар, со паркинг со потпорен ѕид, интерна сообраќајница, како и поставување урбана опрема и хортикултурно уредување на просторот, изградба и опремување на спортско-рекреативен објект, збогатување на туристичката понуда на центарот за посетители.
Во Општина Крушево има 11 советници, шест советници се од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, четворица советници од коалицијата „За обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и еден советник од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Крушево е една од најдобрите дестинации во светот за параглајдинг и токму поради тоа секоја година е домаќин на национални, европски и светски првенства во параглајдерство и летање со змејови. Овој град има богата историја, почнувајќи од тоа што е град на Крушевската Република, во него е сместен Македониумот, повеќе познат како споменик Илинден, а оттука потекнува и прерано загинатиот македонски пејач што ги освои срцата на целиот свет – Тоше Проески. Во Крушево е сместена и Спомен-куќата посветена на Проески.
Зелениково
Општината Зелениково во следните четири години ќе ја предводи Коста Маневски, кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, кој ја доби довербата од жителите на општината на локалните избори.
Според него, во периодот што следува водечка сила во општината ќе биде економијата, односно реализација на проекти за подобрување на условите за основање и водење бизнис, со посебен акцент на млади претприемачи и стартап-бизнисмени, како и создавање услови за привлекување домашни и странски инвеститори во лесна и незагадувачка индустрија. Маневски нагласи дека нема да изостанат ниту капиталните проекти, како што се изградба на детска градинка, изградба и одржување на патната инфраструктура, одведување и третман на отпадни води, уредување на речното корито на Симоничка Река, како и многу други проекти.
Советот на Општина Зелениково има девет члена, кои се распределени во повеќе политички партии, и тоа четири члена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, тројца членови од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, по еден член имаат политичката партија Беса и коалицијата „Движење одлучно за промени“.
Општината Зелениково иако се наоѓа во непосредна близина на Скопје, претставува атрактивно подрачје, кое изобилува со можности за развој на земјоделството и руралниот туризам. Поради поволноста на теренот и високата плодност на земјиштето во пределот околу реката Вардар, најзастапено е полјоделството, пред сè одгледувањето житни култури (пченица, јачмен, овес, ’рж, пченка), градинарски култури (зелен пипер, домат, морков, кромид, лук, спанаќ, марула), како и индустриски култури (луцерка, фуражна пченка, детелина).
Демир Капија
Жителите на Демир Капија на локалните избори што се одржаа неодамна во земјава, својата доверба му ја дадоа на кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Лазар Петров.
Тој нагласи дека во следните четири години ќе се фокусира на многубројни проекти, меѓу кои и изградба на училишна кујна со трпезарија во ООУ „Димче А. Габерот“, затоа што топлиот оброк и здравата исхрана на учениците се од особена важност за нивното здравје, како и изградба на автобуска станица, за да се олесни движењето на жителите на Демир Капија и да се зголеми фреквенцијата на посетители и туристи. Петров нагласи дека ќе изгради пречистителна станица за отпадни води, со што ќе придонесе да се заштитат растителниот и животинскиот свет, кои се уништуваат при излевањето на реките Бошавица и Вардар, а потенцира дека ќе инвестира во развојот на спортот и спортски објекти, со отворање на центар за искачување (болдер -карпа), фитнес и рекреација. Како што истакна тој, хортикултурно ќе се уреди селото Корешница, со изградба на парк и детско игралиште и уредување на просторот околу постојната селска чешма, како и изградба на фекална канализација во селото Прждево. Петров најави и доградување на подрачното училиште во селото Корешница.
Советот на Општината се состои од девет советници, и тоа четворица од редот на коалицијата „Најдоброто за нашата општина“ (СДСМ), четворица од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ и еден од независната листа на група избирачи Андон Крстевски.