- „Македонија на дланка“ ќе биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
- „Македонија на дланка“ ќе биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.
Македонска Каменица
Димчо Атанасовски, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, ги освои симпатиите на жителите на Македонска Каменица, па на локалните избори што неодамна се одржаа, тој беше избран да ја предводи оваа општина од градоначалничкото место.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, има голем број приоритети за следните четири години. Некои од нив се и воспоставување механизми и алатки за унапредена инклузивност и вклученост на граѓаните во работата на општината, како и јакнење на капацитетот на администрацијата, јавните претпријатија и институциите за соработка со граѓанскиот сектор и граѓаните. Тој истакна и дека ќе воведе целосна интегрална внатрешна контрола и ревизија на јавните средства, како и дека ќе изработи стратегија за долгорочен економски развој на општината, која ќе го трасира патот за долгорочен економски развој и создавање здрава основа за враќање на иселениците. Атанасовски најави и изградба на пензионерски дом, станбена зграда за субвенционирано социјално живеење, како и парична помош за социјално ранливи лица. Истакна и дека ќе се даваат субвенции за фотоволтаични електрични системи, печки на пелети и пелети за граѓани во социјален ризик. Нагласи дека ќе постави споменик во чест на сите жртви од конфликтот во 2001 година, со изградба на патека до споменикот и негово осветлување и партерно уредување.
Тој најави и изградба на рекреативен центар со содржини за млади и возрасни лица и распишување тендер за набавка на медицински услуги за специјалист интернист, очен лекар, педијатар и други доктори, кои по претходно утврден распоред во соработка со граѓаните ќе им даваат бесплатни здравствени услуги. Исто така, нагласи дека ќе се пошумува општината, ќе се реконструираат училиштата, ќе има туристичка промоција, изградба на видиковци, како и урбанизација на земјиштето околу Калиманско Езеро.
Советот на Општина Каменица е составен од четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, четворица од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, двајца советници од група избирачи Дарко Гоцевски и еден советник од група избирачи Слободан Велиновски.
Македонска Каменица се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини на нивната јужна падина. Познат е како рударски град. Најпознатиот македонски рудник за олово и цинк „Саса“ е во неговата непосредна близина.
Богданци
Предводник на Општина Богданци во следните четири години ќе биде Блаже Шапов, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во следните четири години, покрај многубројните други приоритети, ќе работи на реконструкција на секундарната водоводна мрежа, замена на азбестните со полипропиленски цевки, изработка на урбанистички планови и изработка на техничка документација за гасоводна мрежа. Шапов нагласи и дека ќе го реконструира мостот на реката Луда Мара, а потенцираше дека ќе изгради индустриска зона. Исто така, најави дека во следните четири години ќе работи на изградба на спортски и детски игралишта во Стојаково, Селемли и во Ѓавото, како и на изградба и реконструкции на улици во сите населени места.
Советот во Општина Богданци е составен од петмина советници од СДСМ и коалицијата, четворица од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, еден советник од Левица и еден од група избирачи.
Подрачјето на Богданци е населено уште од римско време, за што сведочи наоѓалиштето Барданов Камен, 500 м западно од Богданци. Привлекува голем број туристи и со населбата и некрополата од доцноантичкото време и старохристијанска базилика Света Гора и некрополата Тумба од доцноантичкото време.
Прилеп
Борче Јовчески, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, во следните четири години ќе ја предводи Општина Прилеп од градоначалничкото место.
Тој истакна дека негова идеја и залагање е да се оствари комплетно понудената програма. Некои од водечките проекти на кои тој ќе работи во следните четири години се решавање на проблемите со паркинг-простор преку изградба на монтажни катни гаражи, како и изградба на кружни текови за да се олесни функционирањето на сообраќајот. Тој најави и изградба на обиколница за тешките товарни возила, а ќе работи и во делот на индустриските зони, за да се зголеми можноста за привлекување домашни, но и странски инвеститори. Ќе се градат градинки, паркови со зеленило, спортски сали и терени, како и парк за миленици. Јовчески најави и организација на културни и спортски настани, а исто така ќе се градат влезовите во градот и комплетно ќе се реконструираат старата прилепска чаршија и неколку плоштади.
Советот на Општина Прилеп е составен од 15 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, десет од СДСМ и коалицијата и двајца советници од Левица.
Прилеп е познат како градот под Марковите кули поради неговата близина до кулите што ги изградил легендарниот херој Крали Марко. Центар е на производството на висококвалитетен тутун и цигари, металопреработувачката, електронската, дрвната, текстилната, прехранбената и мермерната индустрија. Освен со многубројните археолошки наоѓалишта и други убавини, Прилеп привлекува туристи од секаде со една од најпознатите манифестации во земјава, па и пошироко „Пиво-фест“.
Сопиште
На неодамнешните локални избори, кои се одржаа во земјава, жителите на Општина Сопиште својата доверба по третпат му ја дадоа на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Стефче Трпковски. Како што истакна тој, во следните четири години ќе работи на водоснабдувањето и третирањето на отпадните води во општината, асфалтирање, подобрување на здравствената заштита, изградба на трговски центар, рециклирање пластика, како и целосна нова технологија во уличното осветлување. Трпковски нагласи и дека ќе работи на изведба на водоснабдувачки бунари, спортска сала и резервоари за вода.
Советот на Општина Сопиште го сочинуваат двајца советници од ДУИ, еден од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, шест советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и двајца од СДСМ и коалицијата.
Општина Сопиште е една од општините во непосредна близина на Скопје, која значително брзо се урбанизираше изминатите години. Во бегството од градскиот метеж, речиси сите од градот, своите живеалишта ги лоцираат во оваа општина, која плени со богата природа и чист воздух. Позната е по многубројни цркви, а и по некрополата од римско време Кукловец. Жителите најчесто се занимаваат со земјоделство.