Фото: Игор Бансколиев
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  • „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Илинден

Жителите на Општина Илинден на неодамнешните локални избори за прв човек на општината го избраа Александар Георгиевски, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.
Како што истакна тој, приоритет во неговото работење ќе биде реализацијата на капиталниот проект за изградба на фекална канализација, како и зафаќањето на атмосферските води, што се наметна како долгогодишен проблем поради високото ниво на подземни води на поголемиот дел од општината Илинден. Меѓу приоритетите е и изградба на нова патна инфраструктура и континуирано одржување на постојната, изградба на пешачки и велосипедски патеки во насока на поголема безбедност на пешаците и велосипедистите, потоа гасификација и создавање подобри услови за работење на стопанските субјекти. Во самиот врв на приоритетите, како што истакна тој, ќе бидат и подобрувањето и модернизирањето на условите во образованието, згрижувањето деца од предучилишна возраст, здравствените услуги, проекти од областа на културата, а во фокусот во следниот четиригодишен период ќе бидат спортот и младите.
Советничките места се распределени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија со девет советници, СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина тројца советници, Група избирачи, Трајче Илиевски двајца советници и Левица еден советник.
Општина Илинден се наоѓа на самата порта пред Скопје и има одлична местоположба. Се наоѓа на крстопат каде што се сечат двата главни коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10, а тука се и железницата, аеродромот и Технолошко-индустриската развојна зона. Голем дел од населението се занимава со земјоделство и полјоделство.


Дојран

Анго Ангов вторпат ја доби довербата на жителите од Општина Дојран, на локалните избори што неодамна се одржаа во земјава. Кандидатот на СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина истакна дека приоритет ќе бидат развој на туризмот во општината, збогатување на туристичката понуда, продолжување на туристичката сезона, туристичка и културна промоција на Дојран во државата и надвор од неа, заштита и ревитализација на езерото. Аплицирање за проекти финансирани од Европската Унија, но и други проекти од најразлични фондови, кои ќе донесат бенефиции за локалното население. Изградба на катна гаража за ефективно решавање на проблемот со паркирање во летните месеци. Врвен приоритет е и подобрување на локалната инфраструктура, решавање на проблемите на локалното население, односно подобрување на целокупните услови за живот на жителите во Дојран и другите населени места.
Советот на Општина Дојран има девет члена, од кои пет се од СДСМ, а четворица советници се од ВМРО-ДПМНЕ.
Општина Дојран е една од најважните туристички општини во државата. Атрактивноста на Дојранско Езеро кај граѓаните од целата држава е голема, но и кај оние што транзитираат низ градот. Има богата туристичка понуда, гостопримливи домаќини, а познат е и по лековитоста на алгите, за кои многумина доаѓаат во август кога тие цветаат.


Струмица

На локалните избори што неодамна се одржаа во земјава, жителите на Струмица му ја дадоа својата доверба на Костадин Костадинов, кандидат од редовите на СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина.
Како што истакна тој, има многу приоритети, меѓу кои се реализирање булеварски решенија, од градот да направи град на спортот и модернизација на селата. Тој исто така нагласи дека ќе работи на развој на индустриските зони и на претворање на градот во центар за млади.
Советничките места во Струмица се распределени помеѓу СДСМ и коалицијата од каде што има 13 советници, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат девет советници и Листата на активистите против изградба на рудникот Иловица-Штука – „Стига е“ има еден советник.
Струмичкиот Регион е најголем земјоделски производител во Македонија, особено на градинарски култури. Во 2017 година од вкупното производство во Македонија, во Општина Струмица биле произведени 58 отсто од краставиците, 32 отсто од доматите, 22 отсто од пиперот и 17 отсто од зелката. Општината е на самата граница со Бугарија, па градот Струмица е доста примамлив и за туристи од оваа земја.


Шуто Оризари

Новоизбраниот градоначалник на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кандидат за градоначалник од ЛДП-ДОМ, беше избран на неодамнешните локални избори од страна на жителите на општината да ја предводи општината во следните четири години.
Како што истакна тој, има голем број приоритети што во следните четири години ќе ги реализира. Според него, освен тоа што ќе се реализираат реконструкција и изградба на сите сообраќајници, приоритет ќе биде донесувањето на деталните урбанистички планови за целата општина, кои се во тек. Исто така, за граѓаните што живеат во социјални и супстандардни услови, Дудуш планира изградба на социјална населба, во која ќе има куќи од 40 до 80 квадратни метри, наменети токму за социјално ранливите категории во Горно Оризари. Ќе се изгради нова трговско-индустриска зона покрај потегот на Коридорот Г8, а ќе се заврши и веќе почнатата атмосферска канализација во должина од 5,2 километри.
Советот на Општина Шуто Оризари е составен од пет советници од ЛДП-ДОМ, четворица од СДСМ, четворица советници од ДУИ, двајца од Сојузот на Ромите, двајца од Левица, еден од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и еден од коалицијата РОМ-Ромеске.
Општина Шуто Оризари е најпозната по пазарот и многубројните продавници во кои локалното население продава гардероба, обувки, разни потрепштини за домот, по пониски цени од оние во продавниците во другиот дел од Скопје. Овој пазар го посетуваат и жители од околните градови, а некои дури доаѓаат наменски за да пазарат тука. Жителите се познати како едни од највеселите и најгостопримливи луѓе, секогаш расположени за добар пазар со купувачите.