За празникот Св. Великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден и денеска најпосетеното место во Тиквешко беше росоманското село Камен Дол и т.н. „спровирачка за среќа“.
Жителот на селото Тошо Костов изјави дека со векови на овој ден луѓе овде се провираат низ отвор од карпа, верувајќи дека тоа ќе им донесе здравје и среќа. Веруваат во чудната моќ на карпата, која е во близина на ова село.
Влезот од левата страна прилега на влез во пештера. Овде многуте посетители најпрвин оставаат дарови и палат свеќи, а има и такви што носат и јагне како курбан. По неколку чекори внатре, под карпата, во подисправена положба, се пристапува кон местото на провирање. Чинот се извршува во лежечка положба со главата напред, низ тесен отвор.
Низ отворот, како што појаснуваат жители, се провираат и покрупни луѓе, па оттаму убеденоста дека каменот „магично се шири“.
Костов потврдува дека доаѓаат луѓе од многу места. Од селото до карпата кај која се изведува ритуалот, се пешачи околу еден час по стрмен и карпест предел, на околу 600 метри надморска височина. Ѓурѓовден е селска слава во Камен Дол, чија црква го носи името на светецот Свети Ѓорѓија.
Весна Мојсова од Кавадарци изјави дека веќе неколку години на Ѓурѓовден доаѓа кај каменот на среќата, како што многумина го нарекуваат местото.
– Можеби и навистина спровирањето низ магичната карпа ќе ми донесе радост и среќа во животот. Јас верувам во тоа – изјави Мојсова.
На местото можат да се слушнат безброј приказни за исполнети желби и верувања дека можеби тоа се должи на магијата на каменото царство.