И сегашниот градоначалник на општина Желино, како и поранешните, велат дека
локалната самоуправа нема доволно пари сама да го до-асфалтира патот до Луковица,
единственото село до кое нема целосно асфалтирана делница.

Новиот градоначалникот Блерим Сејдиу вели дека ќе се бара помош од Владата за доградување на преостанатите шест километри до планинското село Луковица.

– Руралните општини немаат финансиски сили да се соочат со ваков вид проблеми. Затоа се бара помош од Владата – рече Сејдиу.

До Луковица се стига преку пат од Групчин преку Мерово до каде има асфалт. Проблемот е од месноста Крстец каде во еден правец до Луковица нема асфалт, додека кон Седларево патот има коловозна лента. Повремено неасфалтираната делница се израмнува со песок и земја, но при дожд на патот се отвораат огромни кратери и дупки.

Првиот човек на Општината најави дека до државните институции, освен за Луковица ќе аплицираат со повеќе проекти од областа на инфраструктурата и комуналиите.

– За нашата општина водоводот и фекална канализација се приоритет. Се спремаме со
документи до разни институции особено до Агенција за развој на рурални региони.
Потоа реконструкција патишта до Стримница, Чифлик до Ларце, до Групчин, до Ново
село и реконструкција на училиште во Палатица – изјави Сејдиу.

А.С.