Литературниот клуб „Китка“ денес го прослави првиот роденден, со пригодна свеченост во градската библиотека при Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. Клубот беше формиран на иницијатива на познати писатели и поети од градот, пред точно една година.
– Со денешната пригодна свеченост ја одбележавме првата годишнина на литературниот клуб „Китка“, кој на почетокот броеше десетина членови, а со тек на време интересот на младите писатели и поети за членување во клубот е се поголем. Така, по денешното одбележување, побројни сме за четворица нови членови. Од страна на членовите на клубот и гостите организиравме и литературно читање, во насока на негување на македонскиот јазик, литература и култура. Очекуваме на секое наредно одбележување да имаме што повеќе членови, што во старт беше и наша главна интенција – истакна Оливера Ширгоска претседателка на литературниот клуб „Китка“.
На помагателите на клубот им беа доделени благодарници, а на членовите им беше подарена по една тетратка и пенкало, како потик за и понатаму да пишуваат и освојуваат награди на средбите каде и да учествуваат. З.А.