ГЕВГЕЛИЈА

Епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија е алармантна, предупредуваат општинарите. Бројот на новозаразени од ковид-19 расте, а бројот на пациентите во општата болница се зголемува. Во моментот, 27 пациенти се хоспитализирани во модуларната болница, во дневниот ковид-центар и во дел од невропсихијатриското одделение, каде што сѐ уште има слободни места. Дневна терапија примаат околу 60 заболени, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
– Во моментот не се чувствува недостиг од здравствени работници, но поради ротацискиот систем и зголемениот број пациенти, здравствените работници во општата болница и во Центарот за јавно здравје се преоптоварени, едноставно, не можат да дигнат глава од работа.

Благодарност до сите здравствени работници и моја поддршка за работата што ја вршат. Доколку се јави недостиг од соодветен стручен кадар, ќе побараме помош преку главниот кризен штаб од другите државни здравствени установи. Но посакувам да не се случи тоа – рече Поцков.
Тој упати порака до граѓаните да бидат дисциплинирани и одговорни.
– Доследно да ги почитуваме и да ги применуваме заштитните мерки и протоколи бидејќи од тоа директно зависи нашето здравје, но и нашето живеење, имајќи предвид дека од епидемиолошката состојба во општината зависи и заздравувањето на економијата. Најголем број од своите дневни обврски посветувам на проблемите создадени од епидемиолошката состојба, иако многу посреќен ќе бев да се занимавам со покреативни активности. Ќе има заострување на мерките за непочитување на заштитните мерки и протоколите, како од страна на граѓаните така и од страна на економските оператори – рече градоначалникот.

Тој најави казни за кафулињата каде што не се почитуваат заштитните мерки и не се држи никаква дистанца меѓу гостите.
Градоначалникот Поцков информира дека и покрај заболените воспитувачи и негувателки во детската установа „Детска радост“, згрижувањето на децата продолжува да се одвива во сите градинки во согласност со протоколите.
– И во основните училишта во општината, каде што засега има само поединечни случаи на наставници заболени од ковид-19, наставата со физичко присуство продолжува. Случаите во училиштето „Климент Охридски“ во Миравци и сега во „Крсте Мисирков“ во Гевгелија, каде што се појавија поединечни заразени наставници, за непречено одвивање на наставата со физичко присуство привремено беа ангажирани наставници што ќе бидат платени преку општинскиот буџет – додаде тој.