Објектот во кој порано беше сместена Службата за општестевно книговодство (СОК) во Кичево се користи како сврталиште на бездомните кучиња.
Некогаш низ овие врати влегуваа безмалку половина жители на Кичево, во времето кога тука беше седиштето на СОК. Во еден период тука работеше и експозитурата на Македонска банка, која пред повеќе години е затворена. Оттогаш низ овие врати никој не влегува, а местово е како порачано за кучињата скитници, кои по пребарувањето на контејнерите во средиштето на градот, добро нахранети се собираат на ова место на пладневен и ноќен одмор.
Истата слика не се менува со години и во секој дел од денот или ноќта тука кучињата го наоѓаат својот рај. Граѓаните се прашуваат зошто овие простории во срцето на градот со години стојат затворени, а влезот од зградата е претворен во кучешка спална соба. Тука и хигиената е лоша и местото станува извор на зарази.
-Неразбирливо е зошто овие простории со идеална локација во центарот на градот со години стојат затворени. Ова место е како создадено за административни простории, а не да биде легло на кучињата скитници. Треба некој да се сети оваа слика да ја промени и на овој простор да му даде вистинската намена. Наместо кучешка спална, да биде убав и уреден деловен простор на најпосакувана локација во градот – велат нашите соговорници Перо и Живко, пензионери од Кичево.
З.А.