КИЧЕВО

Кризата што ја предизвика пандемијата на ковид-19 се одрази во сите сфери на човековото живеење. Несигурните приходи и намалената потрошувачка на квалитетна храна придонесоа во менито на нашите граѓани сѐ помалку да биде присутна и пастрмката, а тоа го потврдуваат во најголемиот рибник во земјава во селото Извор, со капацитет од 300 тони годишно производство.
-Нашите стравувања дека поради коронавирусот ќе се намали потрошувачката на консумна пастрмка се потврдија во целост. Ние годинава имаме за 30-40 проценти помала потрошувачка на консумна пастрмка и за исто толку проценти намалени приходи. Откако ја согледавме неповолната состојба со потрошувачката на риба, дојдовме до заклучок дека е најдобро да ги намалиме трошоците, а тоа ќе го направиме ако ги намалиме количествата на пастрмка во базените, бидејќи наместо вообичаените 50-60 тони пастрмка, моментално резервите се сведени на околу 30 тони. И на тоа ниво ќе ги задржиме резервите на консумна пастрмка сѐ додека трае пандемијата и не почувствуваме дека се зголемува потрошувачката – вели Душко Радески, менаџер на рибникот.

Тој е задоволен од тоа што се подобрила штедроста на изворот на реката Треска, но количеството на вода од реката бавно се зголемувало. Според него, требало да поминат две седмици од почетокот на врнежите од дожд, за да почне да се зголемува штедроста, која денес изнесува 1.200 литри вода во секунда.
– Конечно ги немаме проблемите што нѐ следеа повеќе од шест месеци, кога штедроста на изворот на Треска беше многу намалена и едвај го премостивме овој период со помош на агрегатори и копање бунари, за да добиеме барем некој литар вода плус. Во моментов, покрај консумната пастрмка, со тежина од 100 до 500 грама, во зависност од потребите и вкусот на потрошувачите, располагаме и со 3-4 милиони единици рибен подмладок и 4-4,5 илјади матици, од кои ја добиваме икрата за размножување на пастрмката. Во моментов за наши потреби од извориштето на Треска користиме 800-900 литри вода во секунда, но потрошувачката на вода е помала, бидејќи и количествата на риба во базените е намалено. Да бидеме оптимисти дека оваа пандемија не може да трае вечно и дека треба наскоро да очекуваме состојбите да се нормализираат и потрошувачката да се врати на нормалното ниво – заврши Радески.