фото: Зоран Антоски

За првпат на Осломејско Езеро преставниците на спортско –риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево, организираат пријателски „Крап куп Кичево 2020“.

На овој куп, кој започна денес во 7 и 30 часот и ќе трае до недела 14 часот, зедоа учество седум екипи, а на истиот присутни се голем број љубители на спортскиот риболов како од земјава, така и од странство.

За да се обезбедат соодветни услови крај езерото извршена е рекултивација на крајбрежјето во должина од околу 500 метри, каде се сместени екипите-учесници на купот, според сите протоколи за ковид-19 и за спортски риболов.

– Откако нашето друштво обезбеди соодветни услови за натпревар, со уредување на крајбрежјето на езерскиот појас, во наредните три дена организираме пријателски „Крап куп Кичево 2020“. На овој куп учествуваат седум екипи од повеќе градови во земјава, а имаме и голем број на гости љубители на спортскиот риболов, како од соседните градови, така и од странство, Косово. Екипите ги сочинуваат по два члена и истите се наоѓаат на меѓусебно растојание од најмалку 30 метри. Откако беа извлечени бројките која екипа на кој дел од езерото ќе лови, започна натпреварот и уште првиот ден беше уловен крап со тежина од 5 килограми. Купот ќе заврши во недела во 14 часот, а нашиот клуб на најдобрите екипи и поединци ќе им додели пехари, истовремено следи пехар и за учесникот кој ќе улови најголем крап. Овој куп е најава за првиот републички натпревар што ќе го организираме крај езерото следната година – истакна Љупчо Крстески , член на претседателството на риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево.
З.А.