Фото: Зоран Антоски

Изградено во далечната 1973 година, под забот на времето и нередовното одржување, коритото на река Сушица во Кичево „плаче“ за санација. Камењата во коритото почнаа да се поместуваат, дел и да отпаѓаат од местото каде што биле и поставени, а под силината на надојдените води и долгиот период без санација, речното корито под каскадите во целост е уништено и оголено и на местата каде што некогаш беше корито, сега е само наталожено ѓубре што од повисоките делови на градот го донела реката.

На минатогодишните локални избори актуелниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, пред многубројните присутни граѓани вети целосна реконструкција на речното корито, патека за велосипеди, нови светилки и се што е неопходно кејот на Сушица да се претвори во најубавиот дел од градот. Инаку оваа мала река Кичево го дели на два дела, а со реконструкцијата на коритото и кејот, градот целосно би добил нов изглед. Граѓаните се разочарани што полни 45 години на кејот на Сушица речиси ништо не е обновено и истиот од година во година е во се полоша состојба.

-Секогаш кога поминувам по кејот на градската река се потсетувам на времето кога во далечната 1973 година беше изграден овој кеј, во тоа време најубав во земјава. Но годините си го направиле своето, вградениот камен во коритото почнал да попушта, а каскадите по налетот на надојдените води тешко го оштетиле подножјето на коритото и ги откорнале камењата од подлогата. Токму поради сиве овие причини и големите оштетувања, кејот бара итна реконструкција, негово осовременување и подобра функционалност-истакна Петар Тренески, постар жител на Кичево емотивно врзан за оваа река од своето детство.

Инаку кејот беше изграден за прославата 30 години првоослободени територии во Македонија.

З.А.