БИТОЛА

Во наредниот период отпадот во Битола ќе се собира со сосема нови возила. Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ го збогати возниот парк со две нови возила за собирање отпад, кои ќе помогнат во тековното извршување на работните активности во делот на комуналната хигиена. Градоначалничката Наташа Петровска и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски, при промовирањето на возилата, го истакнаа значењето на осовременувањето на возниот парк на ова јавно претпријатие, за подобри услуги кон граѓаните.
Поддршката од Општина Битола и од градоначалничката Петровска бeше клучна за реализацијата на овој проект.
– Двете нови возила чинат околу 15.000.000 денари. Во изминатиот период, од три години и 4 месеци, вкупно се вложени над 59.000.000 денари за мултифункционални трактори, специјализирани возила и механизација што е потребна за работа на ЈП „Комуналец“. Сето ова покажува дека и јавните претпријатија, како и Општината, се во исклучително стабилна состојба, за да може да ги подобруваат условите за работа, а наедно да овозможуваат поубава и побрза услуга за граѓаните.

Она што го планираме за следниот период, во согласност со нашите политики што ги водиме, е да имаме набавка и на помали возила за собирање отпад, кои ќе одговараат на спецификите на градот и потесните улици и така да обезбедиме услуга и за тие жители. На овој начин се обезбедува поквалитетна услуга и дополнително се прави финансиска заштеда, затоа што е помал трошокот за нови возила наспроти одржувањето на застарените возила – кажа таа.
Според директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски, во делот на комуналната хигиена, во Битола постојано се врши надградба на капацитетите за складирање и собирање на отпадот.

– Веќе се набавени два нови големи камиони за ѓубре, од по 14 кубни метри, 100 нови контејнери се веќе пристигнати, уште 70 се очекува да пристигнат деновиве, при што ќе се врши замена на постојните со нови. Овие зафати продолжуваат и кон нови реони за подигање отпад и во рурални средини. Разговаравме со жителите на Меџитлија, Цапари, Ротино, Доленци, Егри, а следува и Поешево, со што се проширува организираниот систем на подигнување на отпадот на територијата на цела општина. Иако имаше скептицизам за подземните контејнери за отпад, најавуваме дека тие ќе се поставуваат веќе во април на улицата Васко Карангелевски – рече директорот Богоевски.