Пред дестина дена започна комплетната реконструкција на основното училиште во село Колари, Кичевско, што работи под закрила на ЦОУ „Реџо Рушит Зајази“ од село Зајас. Ова училиште, со овој зафат ќе добие сосема нов лик, со променет покрив, енергетска фасада, ПВЦ врати и прозорци и ќе овозможи услови за настава од најсовремен вид. Средствата за оваа намена ги обезбеди Општина Кичево.
– За да се овозможи што поголем комфор на учениците за следење на наставата, целосно се реконструира основното училиште во село Колари. При овој зафат ќе биде променет покривот на училишната зграда, училиштето ќе добие нова енергетска фасада и нови ПВЦ врати и прозорци. Истовремено ќе се осовременат санитарните јазли, во дворот на училиштето ќе бидат поставени бекатон плочки. Целокупниот зафат ќе заврши со поставување на нова ограда на училиштето, по што ќе се добие впечаток дека настава се одвива во ново училиште. Комплетирањето на овој зафат треба да заврши до крајот на овој месец – истакна Насер Исмаили, директор на ЦОУ „Реџо Рушит Зајази“ од село Зајас.
Инаку во ова училиште наставата ја следат 50 ученици од прво до петто одделение. Сите ученици се од село Колари и наставата во сите оделенија се одвива со физичко присуство на децата и засега тече според планот, нема отсуства ниту болни деца, додава Исмаили.