По повод 77 години од бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор, денеска во Битола се одржа комемеорација. Не местото каде се наоѓаше бугарскиот затвор „Црн мост“ градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и претставници на Општинската организација на Сојузот на борци положија букети свежо цвеќе.
Присутните се потсетија на настаните поврзани со судбините на политичките затвореници, како и на случувањата на денешниот ден.
Бегството се случило на 6 септември 1944 година од Централниот областен фашистички затвор во Битола, кој бил отворен во јули 1942 година во близината на „Црн мост“ каде биле затворани политички затвореници од целата битолска околија. Фашистичкиот воен суд во Битола им изрекол казни на над 250 учесници во Народноослободителното и антифашистичко движење. Над 50 од нив биле осудени на смрт со бесење, над 20 осудени на доживиотна робија, а другите на временски казни со строг затвор од една до 20 години.
Цело време во затворот функционирал затворски комитет на комунистите, кој од средината на 1944 година формирал и затворски воен штаб, кој пак бил ангажиран околу поодготовки на бегството на политичките затвореници.
Соочени со поразот на фашистичката власт, Управата на затворот три дена пред капитулацијата на фашистичка Бугарија била приморана да дозволи да се отворат затворските порти и околу 120 политички затвореници избеегале од него. По бегството од затворот сите политички затвореници успешно се вклучиле во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување на Македонија од фашистичката окупација, беше речено на комеморацијата.
М.М.