Во Пациото на Заводот и Музеј Битола денеска се одржа комморација за неодамна починатиот ликовен педагот и основач на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ и Малиот битолски Монмартр, Коста Хаџи Антоновски.
На комеморацијата присуствуваа бројни почитувачи на неговито дело.
Коста Хаџи Антоновски почина на 86-годишна возраст.
За време на својата децениска ликовна активност тој беше добитник на бројни домашни и меѓународни признанија меѓу кои Климентовата награда, во два наврати највисокото општинско признание „4 ти Ноември“, заслужен ликовен педагог во Југославија, медал на честа на градот Париз, награда на фестивалот Монмартр на Европа, Орден од Франција за култура, признание Монмартр на Европа, награда Нехру за култура, медал на градот Хонгконг, орден од Генералштабот на Турција и наградата за животно дело на Битолски весник.
– Во телефонскиот разговор што го имавме пред да почине, ни го остави аманетот градот широко да ги остави отворени прегратките за децата од сиот свет зашто оние прекрасни моменти кога џагорот го слушавме низ нашите сокаци е нешто што овој град не смее да го загуби. И токму во втортото издание во вакви ковид околности, а 40 јубилејно издание на Малиот битолски Монмартр ќе биде одбележано онака достојно како штои заслужува Коста – рече градоначалничката Наташа Петровска.
Малиот битолски Монмартр да се институционализира, предложи адвокатот и поранешен портпарол на Детското ликовно студио, Никола Главинче.
– Во оваа прилика би апелирал до семејството, сите оние кои се вљубеници на неговото дело, би повикал дека најдобар начин за да се оддаде почит на неговиот лик и дело е да го институционализираме Малиот битолски Монмартр. Да добие третман на институција која ќе го обезбеди својот опстанок не во следниот пет до десет години, туку додека постои овој град и држава. Причините за тоа се оправдани зашто Малиот битолски Монмаратр е пример по кој се веќе институционализирани такви колонии во Европа, Португалија, Кина, Романија, Србија… Монмартр има толку големи потенцијали и во квалитет и во квантитет што може да претставува број еден туристичка атракција во овој град. Коста често пати велеше ќе дојди ден кога Монмартр ќе биди на рамниште институционално со ‘Браќа Манаки’ и ‘Охридско лето’. Мислам дека тоа беше неговата последна желба. Тоа студио да добие институционална поддршка и еднаш засекогаш да го реши својот статус – рече Главинче.
М.М.