Кнежинскиот манастир денес го одбележа својот патрон „Свети Ѓорѓија Победоносец“. По тој повод во манастирската црква и пред голем број верници, најпрво беше отслужена утрена богослужба, а потоа и света божествена литургија со која чиноначалствуваше отец Александар Матески, старешина на црковниот храм од Кичево. За цело време на ова одбележување беше присутен и кумот на манастирот кој секоја година се бира на Ѓурѓовден.
– Со утрена богослужба и во присуство на голем број верници од Кичево и соседните градови, манастирот Св.Ѓорѓија денес го одбележа својот патрон. Инаку Кнежинскиот манастир потекнува од 12-13-от век. Според некои хроничари тој е срушен во 1736 година за време на Австриско-Турските војни. Малата црквичка како привремено решение била изградена во 1973 година и нешто подоцна е срушена, бидејќи на нејзините темели се наоѓа археолошкиот локалитет на стариот манастир, што е потврдено со натамошните археолошки истражувања. Денешната манастирска црква почнала да се гради во 1999 година, а истата е осветена во 2007 година, а пред две години беа осветени и новоизградените конаци. Кнежинскиот манастир покрај овој празник го слави и Свети Ѓорѓија-Ѓурѓовден – истакна Отец Александар Крстаноски, свештеник и професор од Кичево.
З.А.