КИЧЕВО
За да се вклопат во протоколите за заштита од ковид-19, кичевските детски градинки работат со 60 проценти од вистинскиот капацитет со кој работат во нормални услови. Тоа ќе биде така сѐ додека не биде прогласен крај на пандемијата.
– Од појавата на коронавирусот и мерките што ги пропишуваат Владата и ресорното министерство, нашите детски градинки функционираат со 60 отсто од реалните можности. Намаленото присуство на деца во градинките помага да се зголеми безбедноста на дечињата, како и на вработените во овие установи. Сега формираме помали групи во занималните и спалните, а како резултат на овие мерки, имаме поволен здравствен билтен, кој очекуваме да продолжи и понатаму – вели Садик Ахмети, директор на детските градинки во Кичево.
Тој посочи дека, покрај градските детски градинки и онаа во општината Пласница, која работи под закрила на детските градинки од Кичево, во наредните две-три години ќе бидат отворени уште три детски градинки во Другово, Зајас и во Осломеј.
– На тој начин ќе бидат згрижени децата од овие региони и со посетување на градинките ќе имаат правилен раст и развој и целосна социјализација, а ние за овие градинки ќе обезбедиме и доволен број квалификувани кадри – информира Ахмети.
Тој додава дека за новите детски градинки ќе бидат искористени некои од неискористените училишни капацитети, што ќе придонесе без дополнителни инвестиции да се добијат нови детски катчиња. На овој начин постојните објекти ќе бидат редовно одржувани и затоплувани.
Ахмети е задоволен од здравствениот билтен во градинките и очекува тоа да продолжи и во понатамошниот период, кога доаѓаат многу потопли денови и повеќе дружби на отворен простор.
– Од почетокот со работа, минатото лето до денес, во целост ги спроведуваме протоколите за заштита од ковид-19, од задолжително мерење телесна температура до целосна хигиена на рацете и просториите за престој и помала концентрација на деца на еден простор. Токму оваа дисциплина ни овозможи цело време да имаме поволен здравствен билтен, а очекуваме овој тренд да продолжи и во наредните месеци – заврши директорот.