Немањето на ветер, ниската магла и дождот, придонесоа Кичево и денес да биде помеѓу лидерите според аерозагадувањето во земјава. Така во овој град со мала котлина, аерозагадувањето денес е за осум пати над дозволената граница и во поголемиот дел од јануари бројките беа многу слични или полоши од денешните.
-Малата котлина, временските прилики и затоплувањето на градот со цврсти горива, се најголемите причини што Кичево влегува во групата градови со највисоко аерозагадување во земјава. Ако во блиска иднина не се промени начинот на затоплување на домовите со друг енергент, тогаш состојбата може да биде уште позагрижувачка, а хронично болните во рапиден пораст. Мора брзо да се реагира, бидејќи здравјето нема цена –вели Златко Цветкоски, екологист од Кичево.
Бројот на белодробни заболувања во градот и околината е во пораст, што во најголема мера е резултат на енормното аерозагадување. Така денес Кичево и Струмица се водечки градови според присуството на ПМ 10 честички во воздухот.
З.А.