Попладнево Кичево и околината беа зафатени од краткотрајно невреме проследено со силен ветер од променлив правец, пороен дожд и зачестени електрични празнења.
За само дваесеттина минути невремето создаде доста проблеми, а силниот ветер кршеше гранки, корнеше стебла, и на многу угостителски објекти беа тешко оштетени тендите и чадорите.
Од многу тераси по зградите и куќите, на асфалтот паднаа повеќе саксии со цвеќиња, сообраќајот тешко се одвиваше, а од силниот ветер и дождот целосно беше оневозможено движењето на пешаците.
-Не паметам толку силен ветер и дожд за толку кратко време да го погодил нашиот град. За кусо време ветерот поддржан од дождот направи доста проблеми и сега се прашувам што ли ќе се случеше ако ова невреме траеше еден час, тогаш штетите ќе беа немерливи. И овој бран невреме е резултат на глобалните климатски промени кои се случуваат на земјата и од кое не е поштедена ниту нашава земја. Да очекуваме наскоро да се стабилизира времето и да престанат стравовите од овие невремиња, кои се присутни веќе подолг период –вели Димитар Петкоски , екологист од Кичево.
Инаку од овие поројни дождови, најмногу проблеми имаат жителите од ниските делови на градот, каде се слеваат целокупните количини од надојдената вода.