КИЧЕВО
Граѓаните на Кичево од појавата на ковид-19 не се толку редовни во плаќањето на сметките за вода. Економската криза и финансиската нестабилност ги ставаат во дилема граѓаните дали и кога ќе ги намират овие сметки. Така, за само една година наплатата е опадната за 35 проценти и ако продолжи оваа пандемија, се стравува дека наплатата ќе падне и под овој процент, истакнуваат од комуналното претпријатие.
– Од појавата на пандемијата на ковид-19 пред околу една година, опадна наплатата на сметки за вода за 35 проценти. Денес само 50 проценти од корисниците на нашите услуги редовно ги плаќаат сметките. Граѓаните се жалат на состојбите поврзани со намалени, несигурни и нередовни приходи, што е главниот причинител за овој пад, кој ја влошува и нашата ликвидност и тековното работење, која и без тоа по малку е проблематична – вели Зенел Јонузи, директор на јавното претпријатие „Комуналец“ Кичево.
Директорот посочува дека падот на наплатата се должи и на зголемениот износ на фактурите по отворањето на пречистителната станица за отпадни фекални води.
– Голем дел граѓани што нередовно ги плаќаат сметките се жалат на зголемен износ на сметките за вода, предизвикано со отворањето на пречистителната станица. Сите треба да знаат дека овој голем капитален објект за да функционира троши струја, која мора некој да ја плати. Исто така ни се потребни реагенси за лабораторија, а моравме и силно да се засилиме за да одговориме на новите обврски. Инаку, до лани наплатата на сметките за вода изнесуваше 85 проценти – додава тој.
Засега нема најави од компанијата како да ги дисциплинира своите сограѓани да почнат поредовно да ги плаќаат сметките за вода, сепак и потрошувачите треба да бидат свесни дека оваа компанија основните приходи ги остварува токму од наплатата за вода и комунален отпад.