Според мерењата извршени во изминатите 36 часа, период колку што е оперативна новата мерна станица за мерење на амбиенталниот воздух, се потврдува дека аерозагадувањето во Кичево е далеку над дозволените граници и во истиот тој период граѓаните дишат воздух кој од пет до десет пати има поголемо присуство на ПМ-10 честички, над дозволените 50 микрограми на метар кубен.
Ако до вчера читавме за енормните загадувања на воздухот во Азиските метрополи, како Њу Делхи, денес жителите на Кичево ги снајде истата судбина, бидејќи имаат квалитет на воздухот каков што ни самите не можеа да претпостават. За тоа кои се причините за високото аерозагадување на градот, побаравме одговор и од инжинер технолог, Ѓоко Белески.
– Во периоди кога има магла и кога влагата во воздухот е висока и нема ветер, разбирливо е да имаме високо аерозагадување, бидејќи речиси сите домови во градот се затоплуваат на тврдо гориво и чадот што излегува од оџаците паѓа во пониските слоеви и го зголемува аерозагадувањето. Бидејќи сме ние релативно мала котлина и сообраќајот има одреден придонес во зголеменото аерозагадување. Бидејќи имаме воздушна инверзија, топлиот воздух се спушта од повисоките планини и оневозможува намалување на ПМ-10 честичките во воздухот. Овој проблем ќе биде присутен се додека немаме ветер или евентуално врнежи од снег, кои ќе овозможат загадувањето да биде помало а ПМ честичките или да паднат на подлогата или ветерот да ги однесе во повисоките слоеви од атмосферата. Но, факт е дека се додека градот се затоплува со дрва или други фосилни горива, аерозагадувањето ќе биде многу високо – вели инжинер Белески.
И тој како и сите подобро упатени соговорница, проблемот го лоцираат во затоплувањето на домовите со тврдо гориво.
Инаку последните информации до кои дојдоа граѓаните на Кичево, дека аерозагадувањето е многу високо, ги премисли помалку да бидат присутни на отворено а повеќе да престојуваат во своите домови и да не излегуваат надвор без вистинска потреба.