Како што поминуваат годините, така верниците ги менуваат навиките и кинеските евтини производи, кои се доминантни на нашиот пазар, целосно го истиснаа земјеното дуле, кое со векови се произведувало во Вранештица и кое важело за најсоодветен подарок што им се носел на мртвите за Духовден
Како што наближува верскиот празник Духовден, така првата помисла кај сите верници е да се купат подароци за душа на покојните, а многудецениската практика вели дека вранештичкото земјено дуле било најдоброто нешто за да се исполни оваа обврска. Но како што поминуваат годините, така верниците ги менуваат навиките и кинеските евтини производи, кои се доминантни на нашиот пазар, целосно го истиснаа овој земјен производ, кој со векови се произведувал во селото Вранештица.
Самите грнчари се разочарани што состојбите се променија, откако пазарот се отвори за увозни чинии, шолји, бокали и други производи, кои се купуваат за овој верски празник, па и за секојдневни потреби.
– Работата од година на година опаѓа, но сепак околу верскиот празник Духовден постоеше нешто поголем интерес за нашите производи. Со отворањето на македонскиот пазар за кинеските евтини производи, за нашите керамички производи интересот речиси замре. Нашите дулиња или тави, не можеме да ги продаваме со цената на увезената стока, бидејќи овие рачно изработени производи не можат да се стават на исто рамниште со увозната индустриска стока. Делумно работата ни ја олеснуваат трговците од Скопје, Битола, Прилеп и од други градови, кои доаѓаат во нашето село и откупуваат дел од производството. Но тоа трае прекратко, поточно само околу овој празник и потоа сѐ по старо до наредната година – вели грнчарот Митре Божиноски, кој во целост е посветен на овој занает и егзистенција обезбедува единствено преку грнчарството.
И неговите колеги не се премногу задоволни од интересот за купување вранештичко дуле, а како главна причина и тие ја наведуваат евтината кинеска стока што го преплави нашиот пазар.
– За овој празник порано правевме промет речиси колку за цела година. Денес тоа не се случува, бидејќи кинеските производи по многу ниски цени нѐ истиснаа од македонскиот пазар. Државата воопшто не е заинтересирана да го заштити овој стар занает, и наместо заштита се случува огромен наплив на стока од Исток, на која никако не можеме да ѝ конкурираме. Ние во текот на еден ден рачно можеме да произведеме 40 предмети, а една нивна машина за истиот период ќе произведе илјадници. Јасно е дека не можеме да бидеме конкурентни, бидејќи ако продаваме по цената на увезената стока, ќе бидеме во чиста загуба и уште веднаш ќе мораме му ставиме крај на овој древен занает – додава Слободан Столески, кој жали за златните времиња на овој занает.
Од ова село има дури и керамичари, кои поради слабиот интерес, престанаа да го произведуваат традиционалното вранештичко дуле и се насочија кон производи за кои, сепак, имаат некаква побарувачка.
– Откако претходните години забележав дека и за Духовден интересот на граѓаните за нашето дуле е минимален, одлучив повеќе да не го произведувам и да се определам само за производи што се барани на пазарот, а тоа се тави од сите големини, земјени вагани и слични производи за кои постои интерес во рестораните и хотелите за подготовка на традиционални македонски јадења. Од сите погоре наведени причини, јасно е зошто во нашето село од 150 грнчарски домаќинства, останаа само четири или пет, кои му пркосат на времето. Но прашање на времето е само кога милениумскиот занает целосно ќе замре во селото Вранештица и на пошироките балкански простори – вели грнчарот Горан Милоски.