KИЧЕВО
Во Вранештица неодамна се одржа младинска керамичка работилница. На настанот учествуваат учениците од локалните средни училишта „Мирко Милески“ и „Дрита“, како и учениците од државното средно училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје. На работилницата присуствуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа се интересираше за целокупниот процес на изработка на керамичките производи, а за да го долови начинот на производство на овие производи, и самата седна на грнчарското колце.
Министерката по средбата со учениците и нивните ментори истакна дека било вистинско задоволство дружењето со учениците од трите средни училишта од Скопје и од Кичево што се дел од Младинската керамичка работилница во селото Вранештица. Царовска ја нагласи целта за одржување на керамичката работилница.
Целта на оваа работилница е преку заедничка креативна работа и совладување на вештините за изработка на керамички садови, да се придонесе за културна дисперзија и развој на руралните средини, а најмногу за опстанокот на оваа автентична традиција во Кичевско – истакна министерката.
Царовска му се заблагодари на мајсторот Сободан Столески, во чија работилница се создаваат овие производи, како и на професорот Филип Фиданоски од Скопје, иницијатор за организирање на оваа работилница пред седум години.