Фото: Зоран Антоски

Под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“, Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија и ПО на ДЗС Кичево, денес спроведоа кампања, во која граѓаните се едуцираа како да се заштитат од пожари, за соодветно да одговорат на потребите. Потоа им беа делени прирачници за заштита од пожари, како и по едно пластично шише вода, а за најмладите имаше обезбедено и по едно чоколадо.

Покрај припадниците на Подрачното одделение на ДЗС Кичево, во кампањата беа вклучени и претставници на Македонски шуми-Подружница„ Лопушник“ Кичево МВР и ТППЕ Кичево.

– Од 15 јули до 15 овој месец, во нашава земја се спроведува организирана кампања за заштита од пожари под мотото „Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени“. Во рамките на оваа кампања, денес и нашето Подрачно одделение организира низа активности во правец на што подобра едукација на граѓаните, како да се заштитат од пожари, а за одблизу да се запознаат им делевме прирачници за заштита од пожари, како и по едно шише минерална вода и чоколадо за присутните дечиња. Во кампањата, покрај нашето одделение, беа вклучени и вработените од подружницата на ШС„ Лопушник“ Кичево, ПС Кичево и ТППЕ Кичево. На присутните граѓани им беа презентирани и средствата за гасење на пожари со кои располагаме, што е дел од оваа кампања. За да ги предупредиме граѓаните на опасностите од огнената стихија, во повеќе шумски појаси ќе бидат поставени плакати, на кои граѓаните ќе се предупредуваат на проблемите што ги предизвикуваат пожарите и последиците од нив – истакна Леоне Станишоски од ПО на ДЗС Кичево.

З.А.