Во дворот на училиштето „Фаик Коница“ во село Грешница, ќе биде ставен камен темелник за изградба на нова училишна спортска сала, која ќе биде изградена со средства од буџетот на РСМ и банката за развој при Советот на Европа. Оваа сала ќе се протега на површина од 1.000 метри квадратни и ќе биде добредојдена за часовите по фискултура на учениците, како и за организирање на други настани и културно-забавни содржини.
Почетокот на изградбата на новата спортска сала ќе го означат градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, министерот за образование и наука, Арбен Адеми и за министерот за економија, Крешник Бектеши.
Директорката на училиштето, Флорије Ќерими, очекува до крајот на оваа календарска година салата да биде целосно завршена и во второто полугодие да биде ставена на располагање на околу 180 ученици од ова училиште од прво до деветто одделение.
– Утре свечено ќе почне изградбата на новата училишна спортска сала за која финансиски средства обезбедија банката за развој при Советот на Европа и Владата на РСМ. Новата спортска сала е дел од проектот за изградба на 145 училишни спортски сали во земјава и ќе располага со корисна површина од 1.000 метри квадратни. Нејзиното завршување се очекува кон крајот на оваа календарска година и не треба да потсетувам од каква важност салата ќе биде за нашето училиште. Изведувач на работата на спортската сала е ГП „ Гранит“ Скопје. Покрај спортската сала, со средства што ќе ги обезбеди Владата, истата ќе биде опремена со спортски рекзвизити за повеќе спортови – истакна директорката Ќерими.