Денеска во 11 часот со пригодна свеченост ќе биде пуштена и официјално велосипедската пешачка патека во должина од 4 километри која оваа есен уште за време на изведувањето на завршните работи масовно беше посетена од страна на граѓаните. Станува збор за рекреативна патека која го поврзува Ваташа со споменикот на „12 ваташки младинци“ , излетничкото место „Браната“ се до старата моклишка воденица, а минува низ прекрасна природа на двата брега на реката Луда Мара. Патеката наменета за велосипедисти и пешаци е целосно осветелена со 200 лед-светилки, има пет одморалишта опремени со клупи, а некои од нив и со фитнес-справи, фонтани, пинг-понг табли и пумпа за гуми.

За првпат идејата за рекреативна патека во Моклиште беше објавена пред 20 години од страна на тогашниот архитект на градот Перо Бојков како резултат на подолгодишна студија која би ги поврзувала селата Сопот, Марена, Глишиќ, би минувала низ Кавадарци и Ватаѓа и ќе се простира се до Моклишко Езеро. Овој навидум неостварлив сон за кавадарчани во голем дел се реализира годинава како резултат на ангажирањата на Локалната самоуптава и градоначалникот Митко Јанчев за што беше изготвен нов проект. Вкупната инвестицијата за патеката изнесува 34 милиони денари обезбедени од општина Кавадарци и бирото за развој на вардарски плански
регион.

На отворањето на патеката се очекува да присуствуваат министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорот на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и раководителот на Вардарски плански регион Игор Андреев. Предвидено е и обраќање на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев. На настанот ќе присуствуваат и претставници на здружението „Тиквешки точкаџии“ , Планинарското друштво „Орле“ и здружението на телесни инвалиди „Мобилност“ кои безрезервно ја поздравуваат изградбата на рекреативната велосипедска и пешачка патека. Ми.М.