Учениците ќе влезат во подновени училишта

Гевгелија

Додека учениците се на летен распуст, во Општина Гевгелија се реализираат плановите за инвестирање во повеќе образовни институции. Според усвоените планови за работа, предвидено е да се работи на подобрување на условите за настава, при што ќе бидат подновени основни и средни училишта во градот, но и во околните населени места. Во постојните објекти се предвидени различни активности, како ревитализација на покривната конструкција, уредување на дворовите, реконструкција на санитарните јазли и обновување на мебелот, во зависност од потребите на конкретното училиште.

За да се реализира сево ова во наредниот период до почетокот на новата учебна година, образовните институции ги почнаа неопходните подготвителни активности, со намера учениците кога ќе се вратат во училишните клупи да добијат подобри услови додека престојуваат и ја следат наставата.
Според веќе планираното, во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија ќе се набавува опрема во угостителската сала, откако ќе завршат тендерските постапки, кои веќе се во тек. Исто така ќе се реконструираат тоалетите и соблекувалните во спортската сала, а ќе бидат поставени и нови завеси во новодоградените училници. Исто така, старата столарија во помошните простории ќе биде заменета со нова.

Во подрачното училиште „Крсте Мисирков“ во селото Моин, по завршувањето на тендерската постапка, која исто така е во тек, ќе се изврши целосна замена на азбестните табли на дотраениот покрив во старото училиште, со што тој ќе биде комплетно реконструиран. Училишниот двор во ООУ „Владо Кантарџиев“ ќе биде партерно уреден, а исто така е планирано поставување нова ограда на дел од дворот.
Во централното училиште „Климент Охридски“ во селото Миравци ќе бидат реконструирани тоалетите, со комплетна промена на санитарните јазли, а во ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци ќе се изврши замена на азбестните табли на дел од покривната конструкција на објектот. Нова столарија ќе добие и ООМУ „Васо Карајанов“ во Гевгелија.