Обично кога во Битола ќе се зголеми бројот на ПМ-честичките и кога битолчани ќе почнат да се задушуваат од нечист воздух, а и кога ќе се подобрат временските услови, како по некое непишано правило, сите тогаш им се враќаат на своите велосипеди, кои најчесто се „паркирани“ во визбите и во дворовите. Иако многумина експерти тврдат дека Битола како град, со својата конфигурација, е како порачан за велосипедистите, сепак градот под Пелистер е без велосипедска патека, по која ќе можат слободно и безбедно да се движат љубителите на велосипедите.
Патеката што по гласните барања на битолчани е „нацртана“ во средината на Градското шеталиште, покрај Градскиот парк, не само што не е привлечна за велосипедистите туку е и неупотреблива, бидејќи таа е поставена така што претставува проблем и за велосипедистите и за пешаците. Токму поради таквите услови најголемиот број велосипедисти од Битола можат да се забележат како се движат надвор од градот, особено на патот кон грчката граница, или кон Бистрица и Пелистер. Изградбата на велосипедските патеки во Битола беше планирана речиси во сите проекти на битолските политичари на изминатите неколку локални избори. Така, и бившиот градоначалник Владимир Талески, пред неколку години, но и актуелната градоначалничка Наташа Петровска на своите сограѓани, кога го бараа нивниот глас, им ветија изградба на велосипедски патеки.
Проектот на Талески пред нецели четири години наиде на отворена поддршка кај сите граѓани, без разлика на политичката припадност. Но, за жал, од тоа не се случи ништо. Во меѓувреме, и раководителката на локалниот информативен центар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Светлана Георгиева, изјави дека Битола поради конфигурацијата на теренот и над 300 сончеви дена во годината има одлични услови за користење на велосипедот.
– Битолчани слободно можат дури седум месеци во годината да возат велосипед, бидејќи тоа го овозможуваат временските услови. Иако таа не е единствената мерка што ќе ја спаси Битола од загадувањето, сепак мислам дека е мошне добра, бидејќи, покрај другите загадувачи што ги има во градот, во голема мера Битола е загадена и од огромниот број возила што се вклучени во сообраќајот.
Со враќањето на велосипедот како превозно средство во Битола во голема мера не само што ќе се растовари сообраќајот туку и ќе се прочисти воздухот – објасни тогаш Георгиева. Кога на минатите избори оваа иницијатива ја поддржа и актуелната градоначалничка Петровска битолчани се израдуваа дека сепак велосипедските патеки во Битола ќе се изградат.
– Да ги подобриме и сообраќајната култура, но и вело-инфраструктурата во Битола. Повеќе велосипедски патеки, повеќе места за паркирање велосипеди. Битола може да стане почист, поздрав, позелен, побезбеден град во текот на мојот мандат. На велосипед на работа, на велосипед за рекреација – повика Петровска. Битолчани сега се надеваат дека нејзините ветувања нема да завршат како и на нејзиниот претходник и дека Битола наскоро ќе добие не само велосипедски патеки туку и кружна патека околу градот, со што ќе се растовари сообраќајот и ќе придонесе битолчани да дишат почист воздух.